ЛУЃЕТО ДА НЕ БИДАТ ТУРНАТИ ВО СИРОМАШТИЈА ЗА ДА ЈА ДОБИЈАТ ПОТРЕБНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА, ПРЕПОРАЧА СЗО

    ЛУЃЕТО ДА НЕ БИДАТ ТУРНАТИ ВО СИРОМАШТИЈА ЗА ДА ЈА ДОБИЈАТ ПОТРЕБНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА, ПРЕПОРАЧА СЗОПремиерот Зоран Заев со министерот за здравство Венко Филипче и Ханс Клуге од СЗО на Националниот форум за здравство „За поздрав живот: Патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“, што денес и утре се одржува во Скопје (Фото: К. Попов)

    Концептот на квалитетна здравствена заштита за кој се залага Светската здравствена организација (СЗО) според Ханс Клуге, директор на оддел за здравствени системи и јавно здравје во рамки на оваа организација, се состои во тоа сите да имаат еднаков пристап до здравствениот систем и да не бидат турнати во сиромаштија за да ја добијат потребната здравствена услуга. Експертот од СЗО ова го кажа на Националниот форум за здравство „За поздрав живот: Патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“, што денес и утре се оддржува во Скопје.

    „Вашата земја е првата во светот која ја операционализираше таа цел. Во вашата земја има многу добра основа на која може да се надградуваат резултатите. Од исклучителна важност е политичката волја и политичката посветеност да се зајакне примарната здравствена заштита, која е најблиску до луѓето, заедниците и е економски најдостапна и во најбрзо време може да им го обезбеди она што им е потребно на луѓето“, рече Клуге.

    Премиерот Зоран Заев, кој го отвори форумот, кажа дека во фокусот на Владата е да гарантира примарната здравствена заштита дека ќе биде носечки столб на целиот здравствен систем, согласно 17 цели за одржлив развој на ОН, односно според целта број 3, која вели дека треба да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите граѓани на сите возрасти преку унапредување на превентивната здравствена заштита.

    „Примарната здравствена заштита треба да ја препознае улогата, која што ја играат останатите сектори, почнувајќи од финансиите, индустријата, до образованието до земјоделството и урбанистичкото планирање. Примарната здравствена заштита треба да се осигура дека се свесни за нивните одлуки врз здравствените резултати и тоа секогаш да го имаат на ум при процесот на носење на одлуките“, рече Заев.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека со првиот Национален форум за здравство, кој го организираат со поддршка на СЗО, зајакнување на примарното здравство ќе значи и намалување на товарот што го носат здравствените работници во болниците.

    „Воведуваме мобилните сервиси, кои што веќе ги промовиравме во Кочани, а продолжуваме и во Ресен и Битола. Сакаме да ги приближиме здравствените услуги во домовите на луѓето, пациенти со хронични болести, тешко подвижни пациенти и на мајки со мали деца, и на овој начин да го изградиме моделот на мобилна аптека и целокупната здравствена услуга да им биде достапна на пациентите, но и на граѓаните ширум земјата, но и во своите домови, блиску до своите домови. Ќе работиме заедно со СЗО и Светска банка, кои изминатите 10 години учествуваа во реформа во примарното здравство. Сега со нивната експертиза и знаење да ги имплементираме искуствата во насока да се надминат проблемите кои што се соочуваме“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира