„ЛУЃЕТО СТРАДААТ”, ВАКА ЧЕТВОРИЦА УСТАВНИ СУДИИ ПОБРЗАА ДА ГИ СПАСАТ ГРУЕВСКИ И НЕГОВИТЕ МИНИСТРИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО МИЛИОНСКИТЕ ТЕНДЕРИ

    „ЛУЃЕТО СТРАДААТ”, ВАКА ЧЕТВОРИЦА УСТАВНИ СУДИИ ПОБРЗАА ДА ГИ СПАСАТ ГРУЕВСКИ И НЕГОВИТЕ МИНИСТРИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО МИЛИОНСКИТЕ ТЕНДЕРИНовиот претседател на Уставниот суд Сали Мурати вели дека ако ја олабават казната, бројот на овие кривични дела уште толку ќе се зголеми. - Сали Мурати (втор од десно) на денешната седница на Уставниот суд (Фото: СДК.МК)

    Уставните судии Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски и Осман Кадриу тргнаа во отворен поход да ги спасат од кривична одговорност обвинетите и осомничени функционери од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ: Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска, Бујар Османи и други, со обид да се изврши упад во надлежноста на Владата и Собранието со намалување на одговорноста за злоупотребите при јавни набавки.

    На денешната седница, дел од овие судии кажаа дека многу била висока казната од минимум 5 години затвор во членот 353 став 5 за злоупотреба на Буџетот на граѓаните од страна на високите функционери. Рекоа дека вината треба да ја сносат членовите на комисиите за јавни набавки, иако одлуките за јавни набавки ги носат министрите, а комисиите само даваат предлог за избор на најповолен понудувач, што на крајот и министрите не мора да ги потпишат.

    Овој член, став 5 го оспори до Уставниот суд лани Еленко Миланов, адвокатот на Јанакиески и на Груевски. Тој предлага да се укине овој член, или да се прифати претходната поблага одредба, која пред 2009 година била за овие злоупотреби 4 години затвор минимум, што ако се прифати, застаруваат сите вакви дела за обвинетите функциoнери од СЈО, и особено големиот број истраги кои чекаат да бидат распоредени од Државниот обвинител Љубомир Јовески.

    Откако ги ислуша жолчните говори на овие судии кои бараа да не се чека, да не се викаат експерти и веднаш да се прифати иницијативата на адвокатот, новиот претседател Сали Мурати, чија седница денеска му беше прва по изборот, рече:

    „Јас не гледам непрецизност во одредбата. Оваа норма не е тазе норма, уште од 2004 година е. Се работи за големи злоупотреби на средства на граѓаните. Ние не треба да се мешаме во креирање на казнената политика, што е работа на Владата и на Собранието. Не е тоа наша работа. Замислете да ја нема оваа одредба. Што ќе биде? Секаде во светот располагањето со буџетските пари на граѓаните е содржана во најтешките кривични дела. Овие норми и тоа како се потребни во земјите во транзиција. Ако ја олабавиме казната, бројот на овие кривични дела уште толку ќе се зголеми“.

    Потоа Мурати праша: „А зошто невин да се плаши од оваа норма? Се плаши само виновен функционер. Јас сметам дека сегашната норма треба да остане“.

    На упорното надвикување од судијата Јосифовски дека таа не е прецизна и дава судиите слободно да толкуваат и да им се одмаздуваат на обвинетите службени лица, судијката Вангелина Маркудова, поранешен судија кривичар укажа:

    „Секој обвинител во обвинението што го поднесува, кажува од кај е штетата, од кои средства. Ова ’најмалку 5 години затвор‘ се однесува за големи штети од Буџетот. За помалите штети има други ставови во членот и многу е јасно кажано во Кривичниот законик. Не се само министрите, и други високи функционери опфатени со овој став во членот 353, опфатени се и членовите на комисиите за јавни набавки“.

    Уставниот судија Дарко Костадиновски се изјасни:

    „Не можам на владата или на судот да им кажам колкави казни да стават. Потребно е да го чуеме мислењето на експертите“.

    Но, Јосифовски и Гошева кажаа дека тие се уставни судии и срамота е експерти да им кажуваат како да одлучат за оваа иницијатива. Гошева рече може само колегиум, а Јосифовски дека не му треба ни колегиум за да одлучи за одредбата „од која луѓе страдаат“.

    Ивановски сочувствува со министрите и вели:

    „Знаеме кој ја врши постапката за јавни набавки, тоа се комисиите. Министерот и не знае кога има јавна набавка“, што не е точно, бидејќи министрите ги носат одлуките да распишат тендер и на крајот го потшишуваат или не го потпишуваат за да се објави.

    Истото го кажа и Гошева.

    На крајот уставните судии одлучија гласањето дали да се прифати иницијативата за застарување на предметите за злоупотреби, да се одложи за следната седница на Уставниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира