Н.А. од Скопје, мајка на повратник од боиштата во Сирија, кој си ја одлежа 6-годишната затворска казна во „Идризово“ со поведение А – највисоко, апелира државата да им даде документи на неговите сопруга Сиријка на детето родено таму, кои дојдоа да живеат во Македонија во еден нов, нормален живот.
Детето се родило таму, додека татко му војувал. Пред 6 години во Македонија се вратил прво таткото, по што бил осуден на 6-годишна затворска казна. Оваа година ја отслужил казната и сега е на слобода, но е во програмата на Владата за ресоцијализација и за реинтеграција.
Сопругата и детето успеале некако да дојдат пред три години, кога таткото бил на издржување на казната во „Идризово“. Детето не е запишано ни во Сирија, не постои ни таму. Нема никаков документ, поради што таа морала илегално со мало дете да минува граници, за да дојде кај семејството на сопругот.
Затоа сега таа е пријавена како барател на азил, а детето се бори за првпат во животот да добие извод на родени, односно уверение дека постои. Тоа всушност ја дели истата судбина како неколку стотини деца и вознасни, Роми, кои иако се родени тука во Македонија, не можат да добијат извод на родени и цел живот се фантоми.
„Тоа дете немаше лични документи ни во Сирија, кајшто се родило. Кутрата жена едвај го донесе во Македонија. Таа има само еден пасош. Немаат никакви права со детето. Имаме и мало бебе од еден месец. Син ми по излегувањето од затвор си ја обнови личната карта и ќе го впише бебето во Матично. Тоа ќе добие извод, ама поголемово… Џабе што татко им е македонски државјанин. Како мајка и баба, ја молам државата да ја убрза постапката за лични документи и да почне ова семејство нормално да живее. Тоа сега ни е многу потребно“, апелира Н.А. .
Повратникот Икс веќе е во програма за психо-социјална помош. Со него и со семејство работи цел тим: психолог, психотерапевт, психијатар, практичар, центар за социјални работи, невладини организации за правна помош и други. Нивните активности се под координација на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, формиран од Владата во 2017 година, кога почнаа да се враќаат борците од Ирак и од Сирија.
Психо-социјалната помош ја предводи невладината организација „Плеадес“ од Скопје.
Ја вративме Н.А. на почетокот, пред 10-11 години. Таа не знаела дека синот ќе замине на боиште во странска држава, па ни причините не ѝ се познати до денеска. Полицијата им кажала каде е, дека отишол да се бори во Сирија. Се обвинувале со сопругот дека детето им избегало во странска војска зашто не му пружиле доволно средства и подобри услови во животот, се додека познаничка чиј што син исто така заминал во ИСИС не ја советувала Н.А. да не мисли така. Таа ѝ рекла дека не заминуваат од финансиски и од егзистенцијални причини.
„Четири години го немаше син ми. Тоа за мене беше како смрт. Сега е сменет, некако поинаков е. Им се радува на децата, се смее со нив. Но, не знае каде да се обрати за работа. Треба семејство да издржува. Тој има математичка гимназија, невестата не е образована и плус се води како барател на азил. Јас 4 години не знаев мојот син дали е жив. Дојдоа луѓе дома кај нас еден ден, ни рекоа вашиот син е тука, го донесовме. Отидовме со маж ми во суд, зедовме дозвола за посета во притвор. Многу беше слаб кога го видовме…Тешки моменти се тоа за една мајка“, раскажува Н.А., чии сини очи не успеваат да скријат сега една друга голема неизвесност, а тоа е синот и семејството да застанат на нозе во новиот живот што сакаат да го изградат.
Мерал Мусли-Тајроска, психолог и претседателка на „Плеадис“, вели дека ова се фантом-деца, деца на наши државјани кое се бореле во Сирија, таму родени но никаде не фигурираат. Буквално нема никаква трага или некаков документ дека постојат. Тие не се впишани ни во Сирија, ни овде.
По изрекувањето на пресудата и влегувањето во затвор на нејзиниот син, Н.А. отишла во Турција да ги види и запознае внучето и снаата. Кај 2020 година тие веќе успеале да дојдат во државава. Оттогаш Н.А. која е во поодмината возраст, оди и талка по институциите да извади лични документи на снаата и на внучето, но за жал до денеска не успеала.
Во меѓувреме, според невладините организации кои работат со овој повратник, неговите најблиски и тој се едни од семејствата кои исклучително сакаат да соработуваат во процесот на ресоцијализација. Поминале тешки денови претходно, зашто не биле најљубезно третирани од роднините кога се расчуло дека момчето заминало во ИСИС. Никој не им доаѓал дома, блиските ги одбегнувале.
„Го викаат сега на кафе, ама не оди. Десет години не контактирале, не е баш така едноставно. Ме прашувате за другари, и тие отидоа во Сирија. Си седи дома, си зборува со поголемото, се смее со помалото дете, бебе е. Тој беше многу мирен, не знам зошто отиде. Ме прашувате и дали ми е страв дека пак може да се радикализира. Не, не мислам така. Да се решиш да дојдеш дома, да одлежиш казна колку што ти пресудиле, да го донесеш семејството тука, да соработуваш со државата и помошта што ти ја даваат, тоа не е знак дека ќе тргнеш повторно по тие патишта, туку дека сакаш да почнеш нормален живот“, сигурна е мајката на повратникот од Сирија.
Во „Плеадис“ веќе ја имаат неговата психолошка слика.
„Тој сега има новороденче. Неговиот фокус најпрво е благосостојбата на жената. Најголемиот страв на ова семејство е што не можат се уште да ги регулираат личните документи. Како за неа, така и за детето. Значи, не им е сеедно да имаат човек дома кој што буквално никаде не фигурира. Второ, здравството е многу голем проблем. Недајбоже ова дете да се разболе ноќе, иако досега Педијатрија на Клиника никогаш не го вратиле. Меѓутоа, и тоа е проблем, зашто утредента семејството треба да отиде до Визбегово, па да донесе потврда, по што се вклучува ЦСР, па потоа ние се вклучуваме… Башка,имавме проблем со жената, кога беше бремена. Добиваше болки во ниедно време. Каде да оди, каде да се обрати? Беше проблем навистина. Сега се заврши се, во ред е, ама една негова реченица сакам да подвлечам од четвртокот, кога имавме психотерапија: ‘Сакам да продолжам со животот, овде’ “, го цитираше Мерал лицето повратник.
Оттаму додаваат дека уште една работа која ја сметаат за индикатор дека тој веќе има доверба во институциите, е тоа што ги следи сите процеси и дека соработува.
„Прво, соработува со нас. Имајте на ум дека психијатрискиот надзор е проследен од страна на две Македонки. Прво, ги кршиме бариерите од страна на националната припадност. Второ, се работи за принципиелен човек кој секогаш се држел до сите барања што ние му ги поставуваме во врска со психотерапијата. Има одлична соработка со Македонското здружение на млади правници, така што станува збор за човек којшто дава се од себе за да си го среди животот. Така што на некој начин тој почнува од нула. И не му не лесно да легне ноќе да спие, знаејќи дека детето негово нема никаква документација. МАНУ ни претставува голем проблем моментално. До кога тоа дете нема да постои?“, прашува Мусли-Тајроска.
Детето има 6,5 години, оди на училиште, благодарение на Законот за правата на детето, кој вели дека секое дете има право на образование. Но, тоа нема да има свидетелство кога ќе заврши, ако во меѓувреме не добие извод. На лекар одат на приватно.
„За тргнувањето на мојот внук во училиште, ни помогна невладината организација ‘Плеадес’, благодарна е баба му Н.А. .
Од „Плеадес“ ни рекоа дека за докажување на родителство, на днк, МАНУ бара да се плати приватно.
„Од финансиски аспект, семејствата тој трошок за ДНК за родителство не може да го покријат и не знам како ќе направиме, може ќе бараме донациии. Овој аспект го води нашиот партнер Македонското здружение на млади правници. Ако детето се разболи на пример, треба да се земе потврда од прифатниот центар за азил во Визбегово. Се вклучува и Центарот за социјална работа (ЦСР), бидејќи сме буквално како триаголник во функционирањето“, велат од „Плеадес“.
Н.А. вели дека без државата, односно без невладините организации, ништо не преземаат и ништо без нив не можат да направат.
Проблем за повратниците од ИСИС овде е и вработувањето, зашто како најтесната средина во која живеат, така и компаниите, не реагираат најпозитивно кон нив.
Н.А. вели дека за разлика од пред 10 години, сега син ѝ е позрел и е сопруг и татко на две малолетни деца. Тој треба прво да си ја добие обновената лична карта, па да аплицира за социјална помош и да ја добие ако нема бариера во законите, кога станува збор за осудени учесници во странска терористичка војска.
Во меѓувреме, со поддршка на другарите со кои тој веќе ги обновил контактите, почнал да подработува по нешто, за да однесе дома некој денар. Следно, и оваа категорија на граѓани, имаат пристап до стартапите што ги нуди Агенцијата за вработување, за мал приватен бизнис. Но, невладините велат дека проблем може да се појави само кај банките, ако евентуално имаат ограничувања кон овие луѓе.
Мајката вели дека за разлика од пред 10 години кога се расчуло дека син ѝ отишол да се бори за исламската армија, роднините сега омекнале и почнале да доаѓаат и да разговараат со него. Сега се во добри релации, вели таа.
„Повратникот и семејството, родителите, сите соработуваат. Ние имаме визита дома, со Центарот за социјална работа што ги следи. Им даваат работни планови за да го следат нивниот развој. Тој процес го предводи ЦСР, ние даваме психолошка поддршка. Всушност ние соработката со овој повратник ја почнавме уште од 2022 година, во затворот. Тој беше ставен во категоријата добро поведение и на секое излегување од затвор, доаѓаше тука, се среќаваше со психотерапевтот и не држеше нас во тек со се што се случува со него. И тоа продолжува ден-денеска“, велат во „Плеадес“.
И во Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) кои се координатори на проектот велат дека штом овој повратрник ја користел секоја прилика од затвор и доаѓал тука, тој препознал дека му помага.
„Потребно е да се знае дека ова е долг процес и оти треба да се најде начин како тој да опстои и продолжи, зашто на овие луѓе, на овие семејства ќе треба да им е достапна таквата поддршка секогаш. Ќе треба да имаат луѓе како Мерал од Плеадис, со која во секој момент ќе може да сподлат и да побараат совет. Институциите треба да знаат дека овој процес не е завршен, секогаш ќе имаат потреба нешто да кажат, прашаат, споделат“, сметаат во МЦМС.
Информациите за повратниците од терористичката војска ИСИС се строго доверливи. Повратниците се водат под број, не со име. Вкупно 22 институции и невладини организации се во овој процес на ресоцијализација и реинтеграција, и сите се поврзани. Клучната улога ја имаат центрите за социјална работа и Владата, односно Националниот комитет за борба против тероризам и насилен екстремизам.
Сите петмина вработени во „Плеадес“, за овој процес се проверени од АНБ.
“Штом сме одобрени од нив, тие се тие што ни даваат листа кого смееме да контактираме и каде ќе одиме. Моментално работиме со 5 семејства на повратници од ИСИС и сите се проверени од безбедносните институции. Сите се соработливи и сите се трудат да свртат нов лист во животот. Ние работиме со 17 деца на повратници што ги опфаќа проектот, но имавме случај на братучетка на повратник, на комшија, на сосетка која ни побара помош околу некои работи за нејзиното дете, кога им помогнавме и ним. Уште кога го почнавме проектот, ние кажавме дека ќе им бидеме на услуга не само на центарот, таргетот и групата, туку треба да знаат дека и околината има пристап до нас“, вели Мерал Мусли-Тајроска.
„Имам само една порака: Нека им даде државата документи на моето внуче и на мајка му, мојата снаа. Да видат раат како семејство. Ништо друго не барам, Господ да ги чува сите, па и нашите деца“, рече за крај Н.А., мајката на повратникот кој практично во овој текст ѝ се обраќа на јавноста преку неговата мајка, со молба институциите што побрзо да му го регистрираат 6-годишното дете родено во Сирија и никаде незаведено.
С. К. ДЕЛЕВСКА