Политичките партии и гласачите во демократската дебата пред изборите на 15 октомври централно место да дадат на состојбата во која се децата, повика претставникот на УНИЦЕФ во земјава Бенџамин Перкс.
Во отворениот повик на Перкс до политичките партии се вели дека приоритетите кои партиите и гласачите ќе ги постават пред изборите ќе го одредат светот во кој ќе живеат децата утре.
„Речиси една третина од нашите деца живеат во сиромаштија, а таа го нарушува нивниот здрав развој. Покрај повеќегодишниот напредок во намалувањето на смртноста кај децата, последните податоци покажуваат дека Mакедонија е единствена земја од поранешна Југославија каде има зголемување на стапката на смртност кај децата“, вели Перкс.
Според специјалистите за образование предучилишното образование кај децата на возраст од 3 до 6 години е веројатно најважниот период за учење и развој на мозокот.
„Кога ќе ги разгледаме остварувањата по предметите математика, наука и јазик кај 15 годишни деца од основното училиште, се забележува дека оние кои имале придобивки од образованието на рана возраст се една до две години понапредни од останатите. Кај нас стапката на посетеност на предучилишно образование е зголемена од 26 отсто на 39 отсто, но оваа стапка и инвестициите во неа се најниски во регионот на Западен Балкан и заостануваат многу зад стапката во ЕУ, која изнесува околу 93 отсто. Децата од најсиромашните семејства воопшто не посетуваат предучилишно образование, а тоа придонесува за меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија“, вели Перкс.
Најпознатата мерка за оценување на системот за основно и средно образование е програмата на УНЕСКО/ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА).
„Според ова рангирање се наоѓаме на 67-то место од вкупно 70 земји. Во превод тоа би значело пониска способност за наоѓање вработување на национално ниво, помало привлекување на инвестиции и пониска конкурентност на долг рок. Мора да го забрзаме подобрувањето во предучилишното и основното образование за да го спречиме зголемувањето на јазот меѓу нас и другите европски држави“, вели Перкс.
За децата да имаат подобра иднина, според Перкс треба да се постават три итни приоритети , односно ран детски развој, инклузија и реформа на образовниот сектор.
„Земјите со високо успешни економии и напредни поединци инвестираат во раното детство. Тие располагаат со политики за намалување на сиромаштијата и насилството кај децата и го промовираат нивното добро здравје, а притоа обезбедуваат поддршка и знаење за сите родители како да го унапредат развојот на нивните деца.Овие земји обезбедуваат предучилишно образование за сите деца на возраст од 3 до 6 години“, вели Перкс.
Инклузијата на децата со попреченост во голем број земји се спроведува преку системски реформи и кампањи за менување на ставовите, и во нив изолираноста и сместувањето на деца во институции не се веќе прифатливи.