МАКЕДОНИЈА Е ТАЖНА ПРИКАЗНА НА БАЛКАНОТ, ВЕЛИ ЕВРОКОМЕСАРКАТА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ МАРТА КОС

    МАКЕДОНИЈА Е ТАЖНА ПРИКАЗНА НА БАЛКАНОТ, ВЕЛИ ЕВРОКОМЕСАРКАТА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ МАРТА КОСВо интервјуто за РСЕ, Кос рече дека процесот на проширување денес е значително различен дури и од пред неколку месеци. (Фото: ЕУ)

    Еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) ја нарече Македонија „тажна приказна на Балканот“, споредувајќи го долгото чекање за почеток на преговорите со ЕУ со потенцијалната иднина на Украина.

    „Ако Украина чека толку колку што Северна Македонија чека почеток на преговори со ЕУ, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. Таа е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина“, изјави Кос.

    Комесарката, која ја презеде функцијата во септември 2024, изрази надеж дека Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на Унијата до крајот на нејзиниот мандат.

    Во интервјуто, таа рече дека процесот на проширување денес е значително различен дури и од пред неколку месеци, наведувајќи ги промените во геополитиката и новата администрација во САД како клучни фактори.

    „Геополитиката се промени во смисла дека беше приоритет пред проширувањето, но не беше толку поврзана со делот за безбедноста и мирот. Со денешното проширување, се враќаме на основите зошто беше основана ЕУ – да се обезбеди мир, слобода, просперитет, а денес би можеле да додадеме и безбедност“, рече Кос.

    Според неа, иако техничките аспекти како поглавјата и кластерите остануваат, суштинското значење на процесот е поголемо од било кога.

    „Многу е важно да не потфрлиме во процесот на проширување, што е најуспешната надворешна политика на ЕУ. Не смееме да не успееме“, порача еврокомесарката Кос.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира