Во Македонија загубите на вода на ниво на цела држава се 62-63 проценти, а во регионот сме една од земјите со највисоки загуби, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски, на 32. Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија WAREG (European water regulators) што се одржува денеска во Скопје.
Клучно е, вели тој, да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата, таа да биде достапна и прифатлива за крајните корисници, а регулаторот да ја преземе целосната надлежност во формирање на крајната цена.
„Со години инсистираме да ја преземеме во целост надлежноста за формирање на тарифи што се реални и инвестициски поттикнувачки. Со природните ресурси, како водата, не смееме да дозволиме алиби игри.
Ние како Регулаторна комисија за енергетика во повеќе наврати кажавме дека не бегаме од одговорност и сме подготвени да ја определуваме крајната цена за сите водни услуги, имајќи предвид нашето искуство и во енергетиката, со тоа што гарантираме дека ќе ја подобриме ефикасноста на компаниите, ќе овозможиме поголем број инвестиции и за сметка на тоа, ќе ги намалиме загубите на вода на државно ниво и притоа, нема да предизвикаме никакви ценовни шокови. Значи, со намалувањето на загубите, ќе се зголемат количините што ќе се фактурираат и на тој начин, нема да има никакви потреби од зголемување на цената за водните услуги“, рече Бислимоски.
Во овој момент РКЕ определува само опсег на тарифи – од минимална до максимална, а советите на локалните самоуправи најчесто се определуваат за најниската цена, односно тарифа што обезбедува минимален праг на рентабилност со мали инвестиции, при што мрежата не се обновува, а вработувањата се зголемуваат.
„Неопходен е континуиран инвестициски циклус во инфраструктурата, како и оптимизирање на бројот на вработени во јавните комунални претпријатијата, при што во исто време клучно е да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата и воедно да биде достапна и прифатлива за крајните корисници.
Решение, како регулатори, гледаме преку преземање целосна надлежност во формирање на крајната цена“, кажа Бислимоски.