МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО Е 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, ПЕНДАРОВСКИ ГО ПОТПИША ПОСЛЕДНИОТ ДОКУМЕНТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ

    МАКЕДОНИЈА И ОФИЦИЈАЛНО Е 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, ПЕНДАРОВСКИ ГО ПОТПИША ПОСЛЕДНИОТ ДОКУМЕНТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕПретходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја информираше Владата дека сите земји-членки го имаат потпишано пристапниот протокол и упати покана за пристапување кон Северноатлантскиот договор

    Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО, што претставува финален чекор за членството во НАТО.

    „Со овој документ, јас како Претседател на државата, свечено изјавувам дека Република Северна Македонија пристапува кон Северноатлантскиот договор и се обврзува посветено да ги извршува и спроведува сите одредби содржани во овој Договор. Почитувани граѓани, ова е последниот политички чин со кој нашата земја влегува и формално во НАТО-алијансата. Вредеше што се вложивме, затоа што на нашите идни генерации им овозможуваме поголема стабилност, безбедност и просперитет. Нека ни е со среќа“, рече претседателот Пендаровски по потпишувањето на Инструментот за пристапување на РСМ кон НАТО.

    Инструментот за пристапување претходно беше парафиран од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

    „Со овој потпис, го исполнуваме ветувањето кон идните генерации и визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Една држава е силна колку што е силна нејзината војска, една држава е силна колку што се здрави нејзините демократски институции, но една земја е силна и толку колку што има пријатели. Со 29 сојузници, од сега па натаму, Северна Македонија е посилна и побезбедна од било кога. Честито татковино“, рече министерот Димитров.

    Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја информираше Владата дека сите земји-членки го имаат потпишано пристапниот протокол и упати покана за пристапување кон Северноатлантскиот договор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира