МАКЕДОНИЈА ИТНО МОРА ДА ГИ ЗГОЛЕМИ ВЛОЖУВАЊАТА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО, КАЖА УНИЦЕФ ПО ПОРАЗИТЕЛНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД ПИСА ТЕСТИРАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕ

    МАКЕДОНИЈА ИТНО МОРА ДА ГИ ЗГОЛЕМИ ВЛОЖУВАЊАТА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО, КАЖА УНИЦЕФ ПО ПОРАЗИТЕЛНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД ПИСА ТЕСТИРАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕОд 81 држава вклучени во тестирањето, учениците од Македонија се најдоа на 71. место по јазична писменост и на 61. место по математика (Фото: СДК.МК)

    Државата треба да биде сериозно загрижена за резултатите од последното меѓународно тестирање на учениците ПИСА, кои покажуваат уназадување на резултатите по читање, математика и природни науки, изјави претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ДиЏовани, повикувајќи ги лидерите на сите политички партии да се заложат структурните реформи во образованието да станат национален приоритет.

    Од 81 држава вклучени во тестирањето, учениците од Македонија се најдоа на 71. место по јазична писменост, односно читање со разбирање и на 61. место со знаењето по математика, соопшти завчера Министерството за образование и наука (МОН).

    „Резултатите покажуваат дека три четвртини (74%) од 15-годишните ученици во Северна Македонија имаат слаби резултати по читање, додека двајца од тројца ученици покажуваат ниски резултати по математика (64%) и природни науки (65%). Земјата со години се соочува со криза во учењето, а новите резултати од ПИСА даваат цврсти докази за тоа во колкава мера се намалиле резултатите во учењето на учениците во Северна Македонија“, вели ДиЏовани.

    Таа смета дека кризата во учењето е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици, немањето континуитет во реформските процеси од страна на различни влади и на неуспехот да се насочи образованието кон реалните и индивидуалните потреби на учениците.

    „Справувањето со кризата во учењето е одговорност на сите. При разгледувањето на буџетот, Собранието треба да побара од Министерството за финансии да го зголеми финансирањето на образованието за да се подобри квалитетот и да се доближат јавните расходи на земјата за образование до просекот на ЕУ, што е 4,9%. Сѐ уште се чека Владата да ја усвои новата формула за финансирање на основното образование и треба да се даде приоритет на процесот на донесување нов закон за средно образование“, кажа ДиЏовани.

    Ова беше четврто учество на Македонија во ПИСА. Претходно, земјава беше дел од тестирањето во 2000, 2015 и 2018 и од МОН велат дека најновите резултати, со минимална разлика, се на нивото кое беше измерено пред пет години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира