Македонија ќе купи лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата во износ од 762 милиони денари (15 милиони долари) од Соединетите Американски Држави, соопшти Владата по седницата одржана во петок попладне.
Владата ја одобри постапката за купување лесни оклопни возила прифаќајќи го Писмото на понуда од САД од 21 декември оваа година и го овласти државниот секретар на Министерството за одбрана во име на Владата на Република Северна Македонија, по информирањето на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија, да го потпише амандманот/анексот на договорот за набавка на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата на Република Северна Македонија со Владата на Соединетите Американски Држави.
„Со оваа одлука Министерството за одбрана е задолжено веднаш по потпишувањето на амандманот/анексот на договорот, да изврши уплата на договорените финансиски средства од Буџетот на Министерството за одбрана за 2020 година во висина од 762.000.000 денари до Владата на Соединетите Американски Држави“ се вели во соопштението на Владата објавено доцна во петокот навечер.
Заклучоците за потребата од склучување на анекс на договор со Владата на Соединетите Американски Држави за набавка на лесни оклопни возила за потребите на Армијата на Република Северна Македонија ќе бидат доставени како Информација за известување до Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија, соопшти Владата.