МАКЕДОНИЈА НА 92. МЕСТО СПОРЕД ИНДЕКСОТ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ, ТРИ МЕСТА ПОГОРЕ ОД ЛАНИ

    МАКЕДОНИЈА НА 92. МЕСТО СПОРЕД ИНДЕКСОТ ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ, ТРИ МЕСТА ПОГОРЕ ОД ЛАНИ„Има и потенцијално ризичен потег од владејачката партија, да закупува реклами во медиумите заради рекламирање на достигнувањата на владата, практика што ја осуди и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)“, вели меѓу другото РСФ во извештајот за Македонија.

    Македонија годинава е на 92 место според Светскиот индекс за слободата на медиумите на француската организација Репортери без граници (РСФ), и за разлика од лани скокна 3 места. Најголемиот скок беше во 2018 кога земјата скокна за 14 места. Во индексот на РСФ, кој секоја година ја вреднува состојбата на новинарството во 180 земји, четврта година по ред прва е Норвешка, втора е Финска, на трето место се искачи Данска, а паднаа Шведска на четврто и Холандија на петто. На последно место е Северна Кореја, а пред неа се Туркменистан и Еритреја.

    „Индексот за 2020 покажува дека следните 10 години ќе бидат клучни за слободатата не медиумите во светот затоа што испреплетени кризи ја засегаат иднината на новинарството: геополитичката криза (поради агресивноста на авторитарните режими); технолошката криза (поради недостиг на демократски гаранции); кризата на демократијата (поради поларизацијата и репресивните политики); кризата на довербата (поради сомнежот па дури и омразата кон медиумите); и економската криза (осиромашување на квалитетното новинарство)“, е заклучокот на РСФ за состојбата на слободата на медиумте во светот.

    За Македонија, РСФ и годинава го забележува фактот дека владата сѐ уште не спровела реформи во јавниот сервис МРТВ, како и тоа дека на Општините им е дозволено да се рекламираат во локалните медиуми, практика која останува како средство за притисок.

    „Има и потенцијално ризичен потег од владејачката партија, да закупува реклами во медиумите заради рекламирање на достигнувањата на владата, практика што ја осуди и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)“, вели РСФ.

    Забележани како клучни се двете достигнувања во врска со саморегулацијата и работните стандарди на професионалните новинари – создавањето Регистар на професионални онлајн медиуми кој има околу 70 членки, од Советот за етика во медиумите и ЗНМ, и Повелбата за услови за работа за новинарите, како и нацрт фер-договори за вработување во дигиталните медиуми на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

    „За жал, високи владини функционери имаат вкоренета тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е втемелена и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите. Бројот на физички напади врз новинарите е намален, но сепак има зголемен број сајбер-закани и вербални напади“, вели РСФ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира