Македонија и годинава е на 95. место според Светскиот индекс за слободата на медиумите на француската организација Репортери без граници (РСФ), и за разлика од лани кога земјата скокна за 14 места. Во индексот на РСФ, кој секоја година ја вреднува состојбата на новинарството во 180 земји, трета година по ред прва е Норвешка, втора е Финска, а на трето место падна Холандија. Најголем пад во индексот на слобода на медиуми има во Северна и Јужна Америка, а потоа во ЕУ и на Балканот.
За Македонија годинава главната забелешка се става на фактот дека владата сѐ уште не спровела реформи во јавниот сервис МРТВ.
„Иако ситуацијата се стабилизираше во 2018, новата влада сѐ уште не го изменила Законот за јавниот радиодифузер, спротивно на она што го најавуваше во 2017. Така што, за сега, програмата на јавниот сервис продолжува да ги служи интересите на поранешната владејачка конзервативна партија, ВМРО-ДПМНЕ. Иако не се регистрирани напади врз новинарите во текот на минатата година во Македонија и безбедноста на новинарите бележи значителен напредок, културата на неказнивост продолжува да владее во земјата. Само два од 59 регистрирани напади врз новинари во последните години биле предмет на истрага и добиле завршница.Ова не го постигнува потребниот степен за да се обесхрабрат одговорните за нападите“, предупредува РСФ.
РСФ вели дека во законските регулативи се потребни измени во делот за клевета и пристапот до државни информации, а нагласува и дека контроверзниот амандман, со кој и се дозволува на Државната изборна комисија да го набљудува известувањето на изборите во електронските медиуми, е усвоен без дебата и без консултации. РСФ бара да се посвети внимание и на фактот што „високи владини функционери имаат вкоренета тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите”.
РСФ вели дека Индексот за 2019 покажува како омразата кон новинарите дегенерирала во насилство, што придонесува за зголемување на стравот. Продолжува да се намалува бројот на земји кои се сметаат за безбедни, каде новинарите може да работат во целосна безбедност, додека авторитарните режими и натаму ги засилуваат стегите врз медиумите.
„Непријателството кон новинарите што го изразуваат политичките лидери на многу земји предизивикува сериозни и чести чинови на насилство, што потпалува ниво на страв и опасност за новинарите без преседан досега“, велат од РСФ.