„Манивал“ (Moneyval), телото на Советот на Европа за борба против перење пари, утврди дека Македонија постигнала напредок во зајакнувањето на својата законска и институционална рамка за борба против перење пари и финансирање тероризам, стои во новиот извештај, но се додава дека се потребни дополнителни напори за решавање на преостанатите недостатоци.
Извештајот ги истакнува подобрувањата во законската и институционалната рамка на земјата, особено во поглед на три препораки на Работната група за финансиска акција (ФАТФ). Тие вклучуваат правила за банкарски трансфери, внатрешни контроли и за надзор на странски филијали, како и транспарентност околу тоа кој е крајниот сопственик на фондови.
„Од последната евалуација во мај 2023, Северна Македонија ја подобрила својата усогласеност со стандардите на ФАТФ. Три од препораките претходно оценети како ‘делумно усогласени‘ сега се сметаат за ‘во голема мера усогласени‘. Сепак, напредокот во регулирањето и надзорот на финансискиот сектор не беше доволен за да се промени нејзиниот рејтинг, кој останува ‘делумно усогласен‘“, стои во извештајот.
Од 40 препораки на ФАТФ, 31 се оценети како усогласени или во голема мера усогласени, а девет како делумно усогласени.