МАКЕДОНИЈА ПРОТЕРА УШТЕ ШЕСТ РУСКИ ДИПЛОМАТИ

    МАКЕДОНИЈА ПРОТЕРА УШТЕ ШЕСТ РУСКИ ДИПЛОМАТИОд почетокот на руската инвазија на Украина, од Македонија се протерани 11 руски дипломати. - Руската амбасада во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Министерството за надворешни работи денеска прогласи уште шест вработени во Руската амбасада во Скопје за персона нон грата. Од МНР велат дека овие шест руски дипломати извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи. Тие имаат рок од пет дена да ја напуштат земјата.

    „Денес во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му беше врачена дипломатска нота, со која шестмина дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се посочени како непожелни во државата или персона нон грата. Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена“, соопштија од МНР.

    МНР протера пет руски дипломати 28 март годинава, еден месец по почетокот на руската инвазија на Украина, а претходно протера по еден руски дипломат во 2021 и 2018 година, на што Русија одговори реципрочно, протерувајќи македонски дипломати од нашата амбасада во Москва.

    Русија на 7 март ја стави Македонија на листата со земји кои преземаат непријателски дејствија кон Русија, нејзините компании и граѓани.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира