МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО БУДИМПЕШТА БИЛА СВЕТЕНА ПРОТИВ ДУХОВИ, ПОРАДИ ЛОША ИЗВЕДБА МОЖЕ ДА СЕ УРНЕ

    МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО БУДИМПЕШТА БИЛА СВЕТЕНА ПРОТИВ ДУХОВИ, ПОРАДИ ЛОША ИЗВЕДБА МОЖЕ ДА СЕ УРНЕПоранешниот амбасадор во Будимпешта Дарко Ангелов, чија резиденција била во истиот објект, како што пишуваа медиумите во април, 2011, рекол дека око не склопил неколку месеци, бидејќи мислел дека во зградата има духови, оти светлата сами се палеле и гаснеле. Но испаднало дека нема духови, туку струјата била нестабилна од дотраената инсталација и влагата (Фото: колаж од аматерски фотографии)

    Македонската амбасадата во Будимпешта, за која Mинистерството за надворешни работи (МНР) објави дека се правени злоупотреби при купувањето, била осветена со попови и со руски православен крст ставен на ѕидовите, да служи и како заштита  од духови.

    Во 2007 година, МНР купило зграда во Будимпешта за амбасада во Унгарија. Но, Македонија не можеше да се всели во зградата за амбасада поради опасност од свлечиште. Покрај опасноста од рушење, медиумите во 2011 година пишуваа дека во зградата имало духови.

    Како што објави државниот секретар во МНР Виктор Димовски на прес-конференција минатата недела, објектот во Будимпешта е во опасност да се сруши и може да предизвика штета на соседните објекти.

    „Неквалитетната изведба на доградбата од продавачот довела до појава на свлечиште на земјиштето. Ова пак предизвикало изместување на целиот објект кој е руиниран и неупотреблив. Така, Република Македонија за амбасада и резиденција од 2010 година, па сè до денес плаќа закупнина за амбасада од 2.300 евра месечно и за резиденција 1.800 евра и покрај купената куќа од 1.070.000,00 евра, во која требало да бидат сместени амбасадата и резиденцијата на амбасадорот“, рече Димовски.

    Руски православен крст при осветување на амбасадата бил ставен на ѕидовите, за да служи како заштита против духови

    Амбасадата била отворена во присуство на поранешниот премиер Никола Груевски и била организирана голема свеченост на која имало и свештеници, кои нацртале руски православен крст при осветување на амбасадата и на ѕидовите, но и да служи како заштита од духови.

    Тогашниот амбасадор во Будимпешта Дарко Ангелов чија резиденција била во истиот објект, како што пишуваа медиумите во април, 2011, рекол дека око не склопил неколку месеци, бидејќи мислел дека во зградата има духови, оти  зградата крцкала и светлата сами се палеле и гаснеле. Но, испаднало дека нема духови, туку струјата била нестабилна од дотраената инсталација и влагата.

    Амбасадата е купена во мандатот на министерот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше на функцијата од 26 август 2006 до 14 јули 2011.

    Според  државниот секретар во МНР Димовски, за купувањето на објектите бил направен систем од мрежа на странски адвокати, странски компании и странски лица со седиште во Будимпешта, Виена, Прага, Вилнус, Лондон, но и во други центри, кои ги координирале своите активности со Комисијата за купување објектите.

    „Под формулата ‘најпогодни објекти’, овие претходно договорени решенија ѝ се наметнувале на Комисијата за купување на објектите, која потоа ги предлагала со информации до Владата, потпишани од тогашниот министер за надворешни работи. Во адвокатските сплеткарења пак името на адвокатска канцеларија ‘Др. Фехер и Партнери’ на адвокатот Ендре Фехер е заеднички именител за сите адвокатски услуги. Оваа адвокатска канцеларија и нејзините партнери адвокати, продавале, купувале, ја застапувале Република Македонија пред суд, наплатувале провизии, склучувале договори, но и анекс на договори со ист датум, а различна сума, наплатувале за некупени објекти, издавале резиденции и станови за дипломатите во истите градови, така што до ден денес наплатуваат преку наемнини од Република Македонија“, кажа Димовски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира