Македонската заедница во италијанскиот регион Пиемонт викендов ја одбележа 20-годишнината од постоењето на Македонската православна црква „Свети Архангел Михаил“ во градот Неиве. На прославата и на литургијата чиноначалствуваше надлежниот митрополит за Европската епархија, Пимен.
Црквата во Неиве, која е духовен дом на Македонците во овој дел на Италија, е отстапена под концесија од страна на Католичката црква за период од 99 години. Заедницата во овој регион ја сочинуваат главно иселеници од Источна Македонија кои почнале да се доселуваат во 90-тите години, а денес таму веќе живее трета генерација Македонци.
На одбележувањето на јубилејот присуствуваа градоначалниците на Неиве, Канели и Ница Монферато, градови каде што живеат околу 3.000 Македонци. Градоначалникот на Неиве, Паоло Пичинели, истакна дека македонските иселеници имаат значаен придонес во економијата на регионот, особено во лозарството и производството на познатите вина „бароло“ и „барбареско“, како и во одгледувањето лешници за гигантот „Фереро“.
Покрај владиката Пимен, специјален гостин беше и Архиепископот на словачката Михаловско-Кошичка епархија, Георгиј, како и Епископот на Алба, Марко Брунети. Присуствуваа и генералната конзулка на Македонија во Венеција, Фросина Ременски и директорката на Комисијата за односи со верски заедници, Оливера Трајковска.
Свеченоста почна со академија во петокот на која настапи оперското трио „Џентлмен“, а заврши во неделата со литургија и голема прослава на која присуствуваа околу 1.000 иселеници. Заедницата му оддаде признание и на парохискиот свештеник Михајло Матевски, кој служи во црквата веќе две децении.




