По револт, насилно однесување, пцости и навреди во пленарната собраниска сала, упатени од двајцата пратеници на Левица Борислав Крмов и Димитар Апасиев, власта и ВМРО-ДПМНЕ со 83 гласа „за“ го донесоа новиот Собраниски деловник. „Против“ гласаа само Крмов и Апасиев.
Деловникот ќе важи од следниот парламентарен состав.
Од насилното однесување на пратеникот Крмов, кој го откорна компјутерот од претседателката маса, искрши уште еден монитор, фрлаше на под и делови од опремата, а во лицето на потпретседателот на Собранието маваше со амандмани, односно со куп хартија, направена е материјална штета.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за САКАМДАКАЖАМ.МК одговара дека штетата што е направена од кршењето во пленарната сала, треба да си ја плати тој што ја направил.
„Ние сме вработени во Собранието и ние сме одговорни за имотот и за инвентарот внатре. Вие смеете да кршите таму кај што работите? Не. Исто е и во Собранието. Ќе се формира комисија за утврдување на материјалната штета, сметката ќе оди кај тој што ја причинил. Не може граѓаните да ги плаќаат искршените компјутери“, вели Џафери.
За фрлањето на хартии по глава на Мисовски, Џафери не сака сега да коментира, само кажа дека кога Никола Груевски му фрлил вода во лицето, ветил пред себе дека ќе биде последниот пратеник чие насилно однесување во сала го истолерирал како претседател, без да ги преземе мерките кои му се дадени со надлежностите.
„Пратеникот има имунитет само за кажаното на собраниската говорница. Чекор од говорницата и околу неа, нема имунитет за тоа што го прави и сакам во оваа прилика да потсетам“, кажа собранискиот спикер,
Откако се случи кршењето, беше дадена пауза. По паузата, пратеникот Апасиев се јави за збор со забелешка дека 2.500 амандмани на Левица не биле заверени и оти само 12 од нив биле исправни, па го соблече чевелот и со него силно удираше врз амандманите како да става печат, по што му ги даваше на Мисовски.
Крмов и Апасиев тврдат дека во иднина според новиот Деловник ќе се шверцуваат сите закони во Собранието, како што е сега случајот кога се користи „европско знаменце“. Тврдат дека опозицијата не може да го блокира носењето на некој закон.
Предлог-Деловникот беше постигнат во рамки на дијалогот „Жан Моне“ започнат во Собранието пред околу пет години со посредство на неколку европратеници.
Седниците на Собранието до отстранување на штетите ќе се одвиваат во салата Купола, кажа Џафери.
С. К. ДЕЛЕВСКА