МЕДИЦИНСКО ЛИЦЕ ЌЕ УТВРДУВА ДАЛИ УКОЧЕНИОТ ОБВИНЕТ ВО „ТРИСТА“ БОЛЕДУВА И ОД ДЕПРЕСИЈА

    МЕДИЦИНСКО ЛИЦЕ ЌЕ УТВРДУВА ДАЛИ УКОЧЕНИОТ ОБВИНЕТ ВО „ТРИСТА“ БОЛЕДУВА И ОД ДЕПРЕСИЈАСудијката Лидија Петровска го одложи судењето за 1 декември. - Обвинетиот Ѓоко Поповски со бастун на заминување од Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Судењето за предметот „Триста“ на СЈО се одложи за 1 декември, кога треба да дојде медицинско стручно лице да оцени дали обвинетиот Ѓоко Поповски е психички способен да учествува во судската расправа. Неговата одбрана на денешното рочиште достави медицинска документација дека Поповски е на боледување и кажа дека тој дошол само поради притисоците од Специјалното јавно обвинителство и медиумите. Според одбраната, поранешниот помошник министер во МВР за јавни набавки примал лекарства и за депресија.

    „Обвинетиот се појавува само поради големите притисоци што се вршат врз него од СЈО и медиумите и поради сомневањата околу неговата здравствена состојба. Судот го повикува обвинетиот неколку пати, иако тој е на отворено боледување, прима наркотици, јаки лекови, бидејќи има болки, но и лекови за психијатрсиска дијагноза – депресија. Во ваква состојба, со прием на вакви лекови, тој не е во состојба да учествува, да го следи судскиот процес и да формира своја одбрана“, изјави пред судот одбраната.

    Адвокатите на Поповски побараа одлагање на судењето до негово закрепнување, т.е. додека да престане да ја прима терапијата и да го затвори боледување, но не можат да посочат датум кога би било тоа. Според одбраната, сè друго би било нeпочитување на основните права на обвинетиот. Досегашните рочишта беа одложени оти обвинетиот бил укочен и имал препорака од лекарите да мирува.

    Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека е против одложување, бидејќи не се знае до кога обвинетиот ќе биде боледување и кога ќе биде психички стабилен.
    „Досега отсуствуваше поради физичка спреченост, а сега го гледаме дојде во судница. Додека ние 15 минути разговаравме за неговата состојба, можевме да почнеме со воведните излагања“, кажа Фетаи.

    Судијката Лидија Петровска го одложи судењето за 1 декември и на барање на СЈО повика независно медицинско стручно лице да вештачи дали обвинетиот е способен да учествува во расправата.

    Случајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека се работи за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошникот министер во Министерството за внатрешни работи Ѓоко Поповски, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила, при што го оштетил буџетот за над 450 илјади евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира