МЕЃУНАРОДЕН ТЕНДЕР ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЛИНДАНОТ ВО ОХИС

    МЕЃУНАРОДЕН ТЕНДЕР ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЛИНДАНОТ ВО ОХИСПодготовката на тендерската документација траела подолго, бидејќи согласно критериумите се внимавало на сите детали за да се одбере чиста технологија за отсранување на линданот, која дополнително нема да предвизвика деградација на животната средина - министерот за животна средина Насер Нуредини и заменикот Јани Макрадули (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за животна средина соопшти дека е распишан меѓународен тендер за избор на најдобра технологија за чистење на малата депонија со линдан и неговите изомери во кругот на фабриката ОХИС.

    Од Министерствотото велат дека за да се реши долгогодшиниот проблем со техничкиот отпад кој со години е депониран во фабриката ОХИС почнува со реализација на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“. Проектот го реализира проектната канцеларија за перзистентни органски загадувачи (ПОПс) при Министерствовото за животна средина, а понуди може да се доставуваат до 11 ноември.

    Сезана Андонова, од проектната канцеларија за перзистентни органски загадувачи (ПОПс) при Министерствовото за животна средина и координатор на проектот, вели дека согласно проектната документација треба да се прочистат од осум до десет илјади тони контаминирана почва во кругот на фабриката и во околината. Таа рече дека меѓународниот тендер е распишан од Организацијата за индустриски развој при Обединетите нации (УНИДО) и дека дел од средствата за подготовки и за чистење на депонијата се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а согласно проектната документација и државата треба да обезбеди средства за реализација на проектот.

    „Од ГЕФ се обезбедени 3,1 милиони долари, а согласно проектот државата има контрибуција од 12 милиони. Тендерот го распишува УНИДО како агенција за техничка имплементација на средствата од ГЕФ“, вели Андонова.

    Таа рече дека со овој меѓународен тендер треба да се види какви технологии ќе се понудат за чистење на депонијата, а нив ќе ги оценува меѓународна комисија од експерти. Според неа, доколку се оди како што треба до средината на декември или до крајот на годината ќе се избере соодветна технологија за чистење на депонијата, а со какава динамика тоа ќе се одвива ќе зависи од самите понуди.

    „Подготовката на тендерската документација траеше подолго бидејќи во неа се вградени сите критеруми за да се обезбедат соодветни чисти технологии за отсранување на линданот, односно да не се предизвика дополнително загрозување на животната средина. Има повеќе опции, тој да се пакува и да се прочистува на друго место, да се пакува дел и да се изнесе надвор од земјата, а дел тука да се прочистува, или пак да се прочистува тука. Што од тоа ќе се реализира ќе зависи од понудите што ќе ги добиеме“, рече Андонова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира