МЕНДУХ ТАЧИ И АРБЕН ЏАФЕРИ БЕА СЛЕДЕНИ БЕЗ СУДСКА НАРЕДБА ПОД ПСЕВДОНИМИТЕ „ШВАЛЕР“ И „ДЕДА“, СВЕДОЧИ ВРАБОТЕН ВО УБК НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    МЕНДУХ ТАЧИ И АРБЕН ЏАФЕРИ БЕА СЛЕДЕНИ БЕЗ СУДСКА НАРЕДБА ПОД ПСЕВДОНИМИТЕ „ШВАЛЕР“ И „ДЕДА“, СВЕДОЧИ ВРАБОТЕН ВО УБК НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Поранешниот вработен во УБК Марјан Јанкуловски сведочеше дека се знаело оти „швалер“ е Тачи, а „деда“ е Арбен Џафери. Сомнително му било што за нив немаше наредба, а тие цело време беа вклучени на системот за прислушување. - Мендух Тачи на судењето за „Тврдина 2“ (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот вработен во УБК Марјан Јанкуловски во продолжение на денешното сведочење во „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување рече дека без судска наредба биле прислушувани лидерите на ДПА Мендух Тачи и Арбен Џафери. Комуникациите на Тачи биле следени под псевдоним „швалер“, додека Џафери бил заведен како „деда“, пренесе државната агенција МИА.

    „Имаше чудни псевдоними кои ги знаевме само ние оперативно, се знаеше дека ’швалер‘ е Тачи, а ’деда‘ е Арбен Џафери. Сомнително ми беше што за нив немаше наредба, а тие цело време беа вклучени на системот за прислушување. Со Ѕвонко Костовски разговарав дека нешто не е во ред, тој ми велеше дека не знае за тоа. Во УБК паралелно работеа двата система за комуникација, и ’Најс‘ и ’Веринт‘. На едниот вежбавме, а на другиот тековно се одвиваа прислушувањата“, рече Јанкуловски.

    Јанкуловски кажа и дека бил дел од комисијата за уништување на опрема за прислушување. Кажа дека тоа се случило за викенд и опремата товарена на камиони била однесена на отпад каде што била уништена на преса. Наредба каде да се уништи опремата, рече тој, добиле од обвинетиот Никола Бошкоски, а на уништувањето присутни биле и обвинетите Тони Јакимовски и Горан Грујевски.

    Бошкоски, кој заедно со Грујевски е избеган во Грција, му се јавил на Јанкуловски пред да даде изјава во СЈО, го однел таму и попат му кажал што да каже пред обвинителите. По исказот во СЈО, Бошкоски го земал од дома и на паркинг го прашувал што кажал во СЈО.

    Грујевски, пак, му се јавил во паника и му рекол дека ќе ги апселе за викендот и дека би било фино со семејството да не биде во Скопје, бидејќи и тој немало да биде дома.

    „Тој ми рече ако има некој проблем да се јавам кај некој адвокат Перо и ми даде број. На втората средба со Грујевски на тефтер ми пишуваше што треба да одговорам ако ме испрашуваат пак“, сведочеше Јанкуловски.

    Во овој предмет за злоупотреби на системите за прислушување во УБК, но и за нивно уништување откако почна СДСМ да ги објавува прислушуваните разговори, обвинети се Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Никола Бошковски, како и уште 5 нелегални прислушувачи од УБК. Со пасошот на едниот од нив, на обвинетиот Владимир Варелов, неговиот тогашен шеф Горан Грујевски избега во Грција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира