АНАЛИЗИ НА КРВ ЌЕ СЕ ПРАВАТ ВО 8 ЦЕНТРАЛНИ ЛАБОРАТОРИИ, МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ ДЕКА ТАКА Е ПОЕФИКАСНО И ПОЕВТИНО

    АНАЛИЗИ НА КРВ ЌЕ СЕ ПРАВАТ ВО 8 ЦЕНТРАЛНИ ЛАБОРАТОРИИ, МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ ДЕКА ТАКА Е ПОЕФИКАСНО И ПОЕВТИНО„Пациентите резултатот ќе го добијат истиот ден на местото на живеење, вработени од лабораториите нема да отпуштаме, а со централната набавка на реагенси ќе заштедиме 20 отсто од средствата кои сега за тоа се трошат“, вели Венко Филипче, министер за здравство (Фото:СДК.МК)

    Лабораториите за анализа на крв ќе се централизираат, како дел од проект на Министерството за здравство за рационализација на трошоците и зголемување на ефикасноста во изработка на анализите. Место над 300 лаборатории во земјава, сега ќе има осум централни лаборатории од кои две во Скопје, односно на Клиниката за биохемија и во ГОБ„8 Септември“, потоа во болниците во Куманово, Битола, Охрид, Штип, Струмица и Тетово. Место 112 магацини низ земјава во кои сега се чуваат реагенсите, ќе има 8, каде ќе има одговорни лица кои ќе минат специфична обука.

    Венко Филипче, министер за здравство кажа дека, веќе е распишана и централна јавна набавка за набавка на потребните реагенси за крвни анализи, за што добиле поддршка и од Светска банка. Според него на овој начин ќе се реформира здравствениот систем согласно европските стандарди.

    „Целата е заштеда од неколку милиони евра и да се дадат подобри услови за пациентите. Министерство за здравство ќе ги предвидува и контролира трошоците за тестирање, и како резултат на тоа цените на реагенсите треба да паднат за 10 до 20 отсто. На овој начин ќе има поголема оптимизација на видот и обемот на инструментите, ќе се зголеми ефикасноста и ќе можеме да користиме напредни технологии“, рече Филипче.

    Тој рече дека според резултатите од истражувањето кое го направиле колку е поголемо пакувањето на реагенсите за анализа, толку е поголема нивната искористеност.

    „Сега се фрлаат неискористени огромни количини реагенси. Има анализатори со капацитет од 400 до 800 анализи на час во места каде не се прават повеќе од 30 анализи на ден. Според анализите бројот на инструменти ќе се намали повеќе од половина. Ќе преговараме за бесплатно сервисирање на апаратите, ќе има стандардизиран обука на ниво на држава, и ќе се намали бројот на реагенси со истечен рок“, рече Филипче.

    Тој кажа дека нема да има дополнителни трошоци за пациентите, и дека резултатот ќе го добијат на исто место каде живеат. Досега вработените во лабораториите во болниците низ земјава, според Филипче не треба да се грижат, бидејќи нема да има отпуштања и ќе останат на истите работни места.

    „Пациентите нема да бидат оштетени оти тоа не се итни анализи. Итни анализи се потребни секаде каде има хирургија и таму такви апарати се предвидени, така е баждарен капацитетот на апаратите да ги задоволи потребите на хируршките одделенија. Специфичните анализи ќе се прават во централна лабораторија. Анализи попладне и во ноќните часови ќе се изработуваат само за итни случаи. Протоколите за транспорт на крв се според досегашните протоколи и во тендерска документација јасно е напишано дека економскиот оператор е должен во цената да има вклучено и транспорт на крв“, вели Филипче.

    Со проектот е предвидено лабораторискиот информативен систем да ги собира податоците за тестовите на сите пациенти од сите лаборатории на едно место.

    „Така здравствените установи ќе имаат пристап до информациите во реално време, како за пациентите и тестовите, така и за трошоците. Ако крвта за анализа се земе уште рано наутро резултатот по електронски пат ќе стигне уште истиот ден, а следниот ден само ако се земе подоцна. Електронскиот лист систем ни овозможува да имаме увид на сите анализи на кој било апарат во земјата и ќе имаме увид во резултатот. Со тоа нема да има потреба да се прават дополнителни анализи, оти често се случува докторите да не признаваат резултат од друга лабораторија. И за ФЗОМ е многу битно оти ќе има точен увид на трошоците за анализите“, кажа Филипче.

    Ова нема да се однесува за приватните лаборатории кои ги имаат матичните лекари. Во Институтот за белодробни заболувања Козле ќе има помал анализатор за итни случаи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира