МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ СЕ ЛОГИРАЛЕ КАКО „ДИРЕКТОР“ И „Г.Г.“ И ДИРЕКТНО ПРИСЛУШУВАЛЕ РАЗГОВОРИ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ СЕ ЛОГИРАЛЕ КАКО „ДИРЕКТОР“ И „Г.Г.“ И ДИРЕКТНО ПРИСЛУШУВАЛЕ РАЗГОВОРИ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Обвинителот Трајче Пелинованов на завршните зборови на „Тврдина-Таргет“. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    „Година 1992 избива аферата ‘Дувло’, кога државата прислушува граѓани, никој не е осомничен. Година 2000 избива афера со прислушување од МВР ‘Големо уво’, осомничените се аболицирани. 2008 година, зграда 3, четврти кат, таму е системот за следење ‘веринт’. Сведокот Ѓорѓи Лазаревски се приклучува со кабел кон системот. Ги зема материјалите, ги обработува, доаѓа до сознание дека се врши незаконско прислушување на граѓани”, го почна обвинителката Ленче Ристоска завршниот збор во базичниот случај на сега поранешното СЈО „Тврдина-Таргет”, за кој е убедена дека обвинетите, на чело со ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, ќе бидат соодветно казнети за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    Сведокот Сашо Трајковски влегува тајно во системот „најс трак”, открива псевдоними, го носат до актуелни министри, новинари, опозиционери, граѓани, зборуваше Ристоска како се открило масовното незаконско прислушување во времето на директорувањето на Мијалков, односно владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

    Лазаревски успеал тајно да вклучи софтверско решение со кое ги симнува сите прислушувани разговори во аудиофајлови. Со телефонски броеви, со табели, со должина на разговорите.

    Лазаревски се поврзал со Ѕвонко Костовски и со Зоран Верушевски, кој им рекол: „Ова мора да се зачува”.

    Почнуваат тројцата да вадат податоци и тајно да ги изнесуваат од УБК како докази. Ваделе дел од таргетите, кои сметале дека се побитни. Ѕвонко Костовски забележува дека обвинетиот тогашен директор на УБК Сашо Мијалков никогаш не бил таргет.

    Костовски кажал дека само 5 отсто од тоа што се снимало деноноќно преку системот за прислушување „веринт” било експортирано. Успеале да извлечат стотици разговори на прислушувани граѓани, политичари, цела тогашна опозиција од СДСМ, невладини организации, новинари, универзитетски професори…

    Избива аферата со бомбите од УБК, Лазаревски и Верушевски завршуваат во притвор, Костовски под закана лично од Мијалков притиснат е да признае доказ за лична поврзаност со странски служби за незаконско прислушување, без ниеден доказ.

    Лазаревски кажува дека податоците му се од УБК, а не од странски служби останува во притвор.

    Истовремено, обвинетиот ексначалник на Петтата управа Горан Грујевски ги пакува и ги носи на уништување со потпис на обвинетата Гордана Јанкулоска, три тони или пет плакари опрема, со која се вршело незаконското прислушување.

    Корисничките имиња со кои можеле директно да слушаат разговори биле „директор” за Сашо Мијалков, „Г.Г.” за Горан Грујевски, „Н.Н.“ за обвинетата началничка Надица Николиќ.

    Ристоска потоа во детали кажа дека кај телефонските оператори, поврзани со УБК, ги нашле незаконски следените разговори преку „веринт” постариот систем за следење на комуникациите.

    За поновиот, „најс трак” системот продолжи обвинителот Трајче Пеливанов.

    Тој на многу детален начин кажа како се вршело маркирање, слушање и преглед на лог фајловите преку „најс трак” системот во УБК. По налог на Грујевски, кажа како биле формирани привилегии во 6-7 категории. Некои можеле само да маркираат, други само да прислушуваат, трети да репродуцираат, да читаат, а некои и сето тоа да може да го прават. Еднаш годишно Грујевски ги ресетирал податоците, за да нема траги, за да не може еден со друг тие што го правеле ова незаконско прислушување да знаат кој што правел.

    Обвинетиот Владимир Варелов кој имал канцеларија до Грујевски, имал компјутер директно вклучен во „најс трак” системот. Кориснички имиња имале и Грујевски и Мијалков. На компјутери „де лукс“, а потоа и на „сименс“, тие се логирале и директно прислушувале телефонски разговори зашто како што кажа Пеливанов, се најдени докази како се најавуваат во системот.

    Во групата корисници „важно”, биле Мијалков, Грујевски и Николиќ.
    Сведоците Сашо Трајковски и Марјан Николовски во текот на судењето потврдија дека тројцата се вклучувале од своите канцеларии и слушале, зборуваше Пеливанов.

    Како и кај постариот систем, така и кај овој, прислушувањето се вршело без судски налог. Имало 4 гранки за прислушување. Во четвртата биле само Мијалков и Грујевски.

    По наредба на првообвинетиот Мијалков, Костовски ги извадил сите комуникации на прислушуваниот тогашен лидер на опозицијата Зоран Заев, за што Пеливанов ги посочи во завршен збор материјалните докази.

    Завршните зборови продолжуваат по паузата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира