На итната седница на Судскиот совет која денеска за 14.30 часот ја закажа претседателката Весна Дамева, ги немаше повеќе од половината членови на Судскиот совет.
Миљазим Мустафа, кој ѝ поднесе претставка за разрешување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми зашто не доаѓала на седници, потоа Лорета Георгиева, Мери Радеска, Селим Адеми, Ханиф Зендели и Сашко Георгиев, воопшто денеска не дошле на работа.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали отсутните денеска го оправдале недоаѓањето на седница и воопшто на работа, кога е работен ден денеска (четврток), претседателката на Судскиот совет Весна Дамева ги крена рамената и кажа: „Немам коментар”.
Петмина од отсутните вчера гласаа „за” продолжување на дисциплинската постапка против Адеми затоа што не доаѓала на седниците на Советот, иако таа е само член по функција и нема право на глас, ја обвинуваа претседателката на Врховниот суд дека со тоа ги прекршила уставот и законите и покажала непочитување кон Судскиот совет.
Итната седница денеска Дамева ја закажа за спасување на предметот “Ласкарци”, затоа што судијката што го води овој предмет во Кривичниот суд, покрај Дијана Груевска, денеска дала заклетва за апелациона судијка во Скопје, место да му каже на Советот да ја одложи заклетвата дури не се изрече пресудата за предметот на 25 јануари.
Единствената точка на итната седница беше: Делегирање на судијката Ристеска назад во Кривичниот суд дури не се изрече пресудата, за да не се врати судењето повторно отпочеток.
С. К. ДЕЛЕВСКА