МИНИСТЕРКЕ, ЗАД АВТОБУСОВ СО ЛУЃЕ ОД ПУСТЕЦ ВОЗИ НАНО РУЖИН, Ѝ РАПОРТИРА ПОЛИЦАЕЦ НА ЈАНКУЛОСКА ВО БОМБИТЕ ЗА „ТИТАНИК“

    МИНИСТЕРКЕ, ЗАД АВТОБУСОВ СО ЛУЃЕ ОД ПУСТЕЦ ВОЗИ НАНО РУЖИН, Ѝ РАПОРТИРА ПОЛИЦАЕЦ НА ЈАНКУЛОСКА ВО БОМБИТЕ ЗА „ТИТАНИК“Денеска на „Титаник“ завршија прислушуваните разговори и во доказната постапка се прејде на смс-пораките. - Обвинетата Гордана Јанкулоска (Фото: СДК.МК)

    Обвинетата во „Титаник“ на СЈО за серија изборни нерегуларности Гордана Јанкулоска, во завршницата на 1.000 бомби колку што беа пуштени во Основниот суд Скопје 1, денеска зборуваше за човечињата од Пустец, како што ги нарекува гласачите од Албанија, кои ги носеше ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за локалните избори во 2013 година.

    Ѝ се јавува соговорник Ивица, полицаец, ја информира:

    „Министерке, да знаете зад автобусов со луѓево од Пустец вози Нано Ружин и уште една кола ‘голф’. Има камери, колеги на едните касетата и картичката им ја скршија. Ќе пријават, па да си знаете“.

    „Ако, они нека си пријават, нека си тераат, нека помине денот. Нека си пријават, ние ќе го изменаџираме тоа. За ова, немај гајле“, го охрабрува тогашната министерка за внатрешни работи полицаецот што спречил снимање на гласачите од Пустец.

    Потоа, обвинетата Билјана Бришковска-Бошковски, поранешен заменик-министер за правда во друг разговор му се жали на обвинетиот Миле Јанакиески:

    „Добро, што прави полицијава на терен? Зошто дозволува да ги снимаат луѓево од Пустец? Мислам стварно е безобразно ова, застанале со камери и снимаат. Па изживување е ова, стварно. Овојпат стварно со кривични пријави ќе одиме“, се заканува Бришкоска-Бошковски за гласачите кои го регистрирале носењето на жители од Пустец на гласачките места во Центар.

    Потоа Јанкулоска алармира кај полицаец:

    „Види, те молам, што се случува во ’Коле Неделковски‘. Таму се Шекеринска и Ружин. Имало некој агресивен полицаец во цивилка. Сигурно е комуњар. Реагирал за човечињава од Пустец“.

    Во друг разговор таа наредува да не се снимаат гласачите од Пустец како гласаат во Центар.

    „Нека не снима никој. Знаеш, човечињава може да се исплашат“.

    Денеска завршија прислушуваните разговори. Во овој случај со 21 обвинето лице има најмногу прислушувани разговори. Судијата Осман Шабани во доказната постапка прејде на смс-пораките.

    Процесот се одвива без обвинетиот Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, оти избега во Будимпешта каде доби политички азил.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира