Министерот за правда Кренар Лога денеска го разреши претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев од позицијата претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, но и од член на советот.
Лога, на прес-конференција, денеска кажа дека иницирал и постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.
Но, рече и дека од Судскиот совет побарал да поведе постапка за одговорност за Нанев.
„До Судскиот совет доставив допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев”, рече Лога.
Тој кажа дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.
„Како што и досега повеќе пати имам изјавено така и сега стојам на ставот дека Министерството за правда и јас како министер нема да дозволиме во работни тела, совети и комисии кои се под состав или надлежност на ова Министерство, да членуваат лица за кои постојат сериозни индиции за нарушен интегритет. Имајќи го предвид фактот дека претседателот на Основниот суд Кавадарци е член и досегашен претседател на Советот за ИКТ, заради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, се до утврдување на целосната фактичка состојба во која е неопходно итно постапување и од страна на Судскиот совет ја информирам јавноста дека со Одлука за изменување на Одлуката за формирање на Советот за ИКТ, која ја донесов денеска, судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци е ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет. Во оваа прилика му се заблагодарувам за досегашната соработка”, кажа Лога.
Вишиот јавен обвинител на Скопје Мустафа Хајрулахи, по претходни детални податоци и факти од ОЈО Кавадарци, поднесе детален извештај за 74 јавувања од Нанев кај странка, за предмет што тој го судел.
Судскиот совет не го става на маса за расправа овој преседан. Како што не ја става одговорноста за Енвер Беџети, за кого се договорил само со опомена де помине за тоа што го чуваше во фиока 8 месеци „Тврдина -Таргет” за да застари, т.е. да ги фати измените на КЗ за спасување на сите обвинети од СЈО.
„Во оваа прилика сакам да и појаснам на јавноста дека и до Судскиот совет во изминатиот период се доставени низа писмени дописи од Советот на јавните обвинители и Вишото јавно обвинителство Скопје во врска со поднесоци од граѓани за работата на судијата, кој воедно е и претседател на Основниот суд Кавадарци. И покрај фактот што во доставените материјали се присутни сериозни наводи кои укажуваат на нарушен интегритет на судија, како и индиции за можни злоупотреби и евентуални влијанија отсуствува постапувањето на Судскиот совет”, изјави Лога.
Место тоа, целиот Судски совет, освен Весна Дамева и Мери Радеска, му отидоа неколку дена во Охрид на конференција за дигитализација во судството.
„Ја користам оваа прилика уште еднаш да го повикам Судскиот совет како самостоен и независен орган чија основна функција е да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт веднаш да отвори постапка за утврдување на одговорност за судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци”, повика Лога.
С. К. ДЕЛЕВСКА