Денеска ќе го разрешам медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, рече министерот за здравство Илир Демири. За економската директорка Бесија Иљази немам сознанија за прекршок, додаде министерот.
На новинарско прашање какво образование има Иљази, министерот рече дека има високо образование, но не знае какво.
На реакција на новинарите дека таа денеска на прес-конференцијата на Клиниката зборуваше само на албански јазик без преведувач, тој рече ако е потребно, ќе даде изјава и на македонски.
„Беше потребно“, рекоа новинарите, а министерот рече дека е многу воздржан од изјави за целата ситуација. Денеска по прес-конференцијата на лекарите на Токсикологија, Иљази ги повика новинарите во сала. Кога дојде рече „здраво на сите“ и почна да зборува на албански јазик. Читаше документи, и кога новинарка ја праша дали ќе се обрати на македонски, таа рече нешто на албански јазик. Колегите од албанските редакции на новинарите Македонци и кажаа дека рекла „Не“, по што тие си заминаа.
Преку писмо до медиумите вчера реагираа вработени од оваа Клиника, и рекоа дека в. д. организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази го зголеми долгот на инстутуцијата, не доаѓа на работа и не потпишува клучни документи. Иљази беше назначена на 14 февруари, на ден пред формирање техничка влада, а вработените реагираат дека била поставена иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори, и оттогаш се случува дезорганизација, а не организација.
„Испратив Трудов инспекторат и Државен санитарен и здравствен инспекторат да ги проверат вчерашните наводи од писмото на вработените од Токсикологија“, рече Демири.
Министерот кажа дека имал сознанија за навреди на национална основа од вработените кон 18-те лица на кои им истекоа договорите за дело и дека нема да толерира такво однесување.
Економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31.12.2023. Меѓу нив има и прекрасни лица, но има и лица кои немаат соодветно образование за тука, рече денеска на прес-конференција д-р Нико Беќаровски, раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката. Д-р Беќаровски заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката реагираа на односот и отпорот на економската директорка Иљази, која е поставена на 14 февруари, и за која рекоа дека им е кажано оти е дипломиран економист, но немаат видено документи нити за образованието, нити за познавање јазици.
Д-р Беќаровски говореше дека немаат притисок од неа, дека не ни може да има притисок кога нема комуникација, туку дека едноставно после секој состанок на стручните колегиуми таа не ги почитува договорите.
„Последниот состанок беше пред две и пол недели. Таа не знае македонски, јас пробав да комуницирам на англиски јазик, и не знам дали ме разбра. Сите разговори ѝ ги преведува друго лице, кое е меѓу тие 18 лица за кои таа инсистира да се вработат“, рече д-р Беќаровски.
Тој уште на почетокот кажа дека сите лица присутни на прес-конференцијата се реномирани доктори со над 25 години стаж, дека не се активни членови на ниту една политичка партија и затоа одбиваат да бидат вклучени во какви било политички конотации. Во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија, докторите се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, и тие им се за нивна внатрешна употреба чисто да знаат за какво труење станува збор. За тие 18 лица на кои им се истечени договорите, д-р Беќаровски кажа дека иако немаат никаква обврска, доаѓаат на работа, облекуваат мантили и доаѓаат и на визита.
Б. НЕСТОРОСКА