МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ИСПИТУВА КАКО СЕ СЛУЧИЛЕ ПРОПУСТИТЕ ВО УЧЕБНИКОТ ПО ИСТОРИЈА ЗА ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ИСПИТУВА КАКО СЕ СЛУЧИЛЕ ПРОПУСТИТЕ ВО УЧЕБНИКОТ ПО ИСТОРИЈА ЗА ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕВо новите учебници има повеќе грешки, како на пример дека Македонија на исток се граничи со Албанија. (Фото: Фејсбук)

    Во тек е процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за 5. одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои секако, не смееја да се дозволат, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

    Во новите учебници, кои учениците ги добиваат изминатов период, иако првото полугодие е при крај, има повеќе грешки, како на пример дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад и со Бугарија, како и дека врвот Монт Еверест е висок 29.305 метри, а не 8.849 метри.

    Процесот за испитување го почнале МОН и Педагошката служба.

    „Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување“, велат од МОН.

    Оттаму апелираат до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, „да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси, тоа од нив единствено и се очекува“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира