Министерството за здравство допрва прави акционен план за спроведување на Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје за периодот 2010-2020 година, која е донесена во 2011 година. Буџетот за спроведување на овој план треба да се изработи до крајот на годината, а годинава парите за спроведување на мерки од оваа стратегија се само оние предвидени во превентивните програми на Министерството за здравство.
Ова денес го кажа Сања Саздова, државен советник во Министерството за здравство, на јавната дебата за тоа колку е реализирана Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје, која ја организираше коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници. Таа рече дека акциониот план треба да го усвои Владата, а потоа до крајот на годината да се дефинира буџет за негово спроведување. Анализата што ја направиле здравствените власти за тоа како е спроведена стратегијата, според Садова покажала дека таа е делумно спроведена.
„Има многу предности, но и слабости во спроведување на стратегијата, затоа во акциониот план се става акцент на сексуалното образование на адолесцентите, заштита на мајките и доенчињата, лицата што живеат со ХИВ“, рече Саздова.
Истражување за тоа како е спроведена Стратегијата со акцент на маргинализираните заедници направи и невладиниот сектор, според кој стратегијата буквално е заборавена од институциите, а конкретните мерки на терен за заштита на сексуалното и репродуктивното здравје го спроведуваат десетина невладини организации, кои главно се финансирани од Глобалниот фонд. Драшко Костовски, од невладината ХЕРА, рече дека иако стратегијата е усвоена 2011 Владата досега не донела акционен план за нејзино спроведување.
„По шест години се навративме да видиме колку е имплементирана, особено во делот на маргинализираните заедници. Анализата покажа дека многу работи не се направени, а напротив она што го правше Владата и институциите беше спротивно од принципите, мерките и вредностите на оваа стратегија. Се уште немаме сеопфатно сексуално образование, тоа е едно од главните мерки на оваа стратгеија. Се уште нема орална контрацепција на позитивната листа. Имаме закони кои се ретроградни. Беше донесен законот за прекинување на бременост со ограничувачки мерки 2013 година. Законот за заштита од дискриминација се уште не ја вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет, а имавме и кампања за промена на уставот и дефинирање на брачните двојки“, рече Костовски.
Тој објасни дека неспроведувањето на стратегијата особено се одразува врз здравјето и на општата популација и на маргинализираните заедници.
„Македонија е земја со најмала употреба на орална контрацепција, а водиме во Европа според стапката на перинатална смртност. Сите овие генерални, општи мерки многу пострашно се одразуваат врз маргинализираните заедници“, рече Костовски.
Тој објасни дека изминатите десет години Глобалниот фонд ги покриваше трошоците за сервиси и услуги за сексуално и репродуктивно здравје на маргинализираните заедници, но дека за жал годинава во јуни оваа финансиска поддршка завршува, а државата не најде начин да го покрие функционирањето на овие сервиси, кои во најголем дел ги обезбедува невладиниот сектор.
„За да ја спасиме оваа стратегија треба да се преземат итни мерки, односно да се донесе акционен план, да се донесе буџет во кој невладините организации ќе се вклучат како имплементатори, и да се донесе систем за мониторинг и евалуација. Под итно да се преземат тематски мерки, односно да се воведе сеопфатно сексуално образование да се обезбеди пристап до орална контрацепција. Законот за абортус да се повлече во делот на рестриктивни мерки, да се обезбеди пристап до гинеколошки услуги во целата земја“, рече Костовски.
Д-р Елена Ќосевска, од Институтот за јавно здравје рече дека Министерството за здравство со текот на годините ги намалувало средствата за превенција и дека од 120 милиони денари што пред десетина години биле одвојувани во превентивните програми, сега тоа е сведено на 34 милиони денари. Таа посочи дека поради намалување на средства и одлив на кадарот и 10-те советувалишта за сексуално и репродуктивно здравје, кои во рамки на Центрите за јавно здравје беа отворени 2012 година не функционираат како што треба, а наспроти тоа расте бројот на сексуално преносливи болсети, особено кај младите.