МИНИСТРИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ СЛИКАА СО ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, ЏАФЕРИ ВЕЛИ ДЕКА ПРЕД КАМЕРИ Е ЕДНО, А ЗАД КАМЕРИ ДРУГО

    МИНИСТРИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ СЛИКАА СО ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА, ЏАФЕРИ ВЕЛИ ДЕКА ПРЕД КАМЕРИ Е ЕДНО, А ЗАД КАМЕРИ ДРУГОМинистрите од ДУИ денеска на седницата, а и потоа на заедничката фотографија, носеа беџови со натпис „речено сторено“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За потегот на двајцата министри од ВМРО-ДПМНЕ, кои не дојдоа за традиционалната заедничка фотографија што се прави по изборот на влада, техничкиот премиер Талат Џафери кажа дека граѓаните треба да бидат спокојни, тие ќе работат согласно законските обврски. Тој рече дека тоа е вообичаена слика и според него, пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата.

    „Да не ве загрижува почитувани граѓани сликата што ќе ја видите без нив, бидејќи работата на Владата ќе биде суштинска заедно со нив, затоа што и тие исто како и ние што сме на сликата, имаат законска обврска да одговорат на обврската што ја презеле од вас преку оние што гласаа за составот на Владата, но таа обврска е преземена и од тие што не гласаа воопшто, што не беа во салата. Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања. Секој кој ќе постапи спротивно, се коси со законот. Во оваа држава има многу закони и прописи што треба да се спроведат“, кажа Џафери во првата изјава по изборот на техничката влада.

    Претходно денеска, Собранието со 65 гласа „за” ја избра техничката Влада со Талат Џафери како премиер. Во салата беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но не гласаа, иако во техничката влада имаат двајца претставници. Имаше 3 гласа „против”, воздржани немаше.

    Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ е технички министер за внатрешни работи, а сопартиецот Ѓоко Велковски е технички министер за труд и социјална политика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира