Mисијата на Европската комисија, на чело со експретседателот на хрватскиот Врховен суд Брнко Хрватин, која ќе го оценува функционирањето на Судскиот совет утре ќе ја почне работата во Македонија, соопшти денеска амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
„Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испита институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството. Водачот на тимот, Бранко Хрватин, поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска, ќе ја посети Северна Македонија на 27 и 28 јули за да ја започне мисијата, со идентификување на обемот на работата на тимот. Работата ќе биде завршена со поддршка на тим експерти од земјите-членки на ЕУ, кои ќе ја посетат Северна Македонија во септември 2023“, соопшти Гир.
Евроамбасадорот Гир на 5 јули ја најави оваа мисија, по серијата скандали во Судскиот совет, од кои што прв беше незаконското разрешување на претседателката Весна Дамева во април.
Веднаш по најавата на Гир, од Судскиот совет рекоа дека ја поздравуваат и ја прифаќаат идејата на евроамбасадорот.
„Членовите изразуваат целосна подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти, бидејќи сметаат дека само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето и начинот на одлучување во Судскиот совет“, соопшти Судскиот совет“, соопштија од Судскиот совет на 6 јули.