Мандатарот за нова влада Христијан Мицкоски зборувајќи за судските реформи што има намера да ги оствари, кажа дека прво ќе почне со распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, за што му треба двотретинско мнозинство во Парламентот.
Денеска откако излезе откај претседателката Гордана Силјановска-Давкова, кажа дека во двата Совета имало „малкумина партизирани обвинители и судии“. Тој засега воопшто не ги спомнува како корумпирани членовите на Судскиот и на Советот на ЈО кои ги бира Парламентот, а кои се најголемиот проблем во двете тела. Работата таму главно им е да одработуваат директни партиски директиви и да ги уживаат сите поволности за нив, децата и семејствата.
„Тоа мнозинство ни е потребно затоа што планираме преструктуирање на Владата поврзано со програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Второ, имаме силен реформски циклус, особено во оној дел што треба да дојде до објавување жесток фронт против криминалот и корупцијата, а за тоа да се случи, треба главните столбови, обвинителството и судството да бидат ослободени од партизираните малкумина обвинители и судии. Тоа ќе се направи со распуштање две институции – Советот на јавните обвинители и Судскиот совет, но за тоа да се случи, мора да има измена на соодветните закони, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот“, кажа Мицкоски.
Тој борбата против корупцијата што ја најавува, ја врзува со распуштањето на овие две тела и на избор на нови судии кои треба да членуваат во нив, што би одзело многу месеци.
Нема детали како ќе изгледаат тие закони, или на пример кој би ги организирал изборите за членови на Судскиот, односно на Обвинителскиот совет, во кои според замислата на идниот премиер, ќе членуваат само судии, односно само обвинители. Непознато е и кој ќе ги контролира нив како самостојни тела, ако внатре нема да бидат истакнатите правници на предлог на шефот на државата и на Собранието, кое се по 5 луѓе, избрани од Парламентот, а кои досега се покажаа повеќе како партиски слуги.
Судството има самостоен буџет и нема да има кој да ги контролира тие судии во Судскиот совет како ќе ги трошат парите, а ќе може свои блиски судии или свои блиски обвинители во Советот на јавни обвинители да ги унапредуваат, а тие што ги погледнале накриво членовите на двете водечки тела, да ги разрешуваат или да ги казнуваат и преместуваат во подалечни градови.
С. К. ДЕЛЕВСКА