Претседателот на партијата Интегра Љупчо Ристовски побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во рок од 24 часа да достави докази за неговата вчерашна изјава дека Ристовски земал пари од други партии за да прави штета во опозицијата, во спротивно ќе биде тужен со оштетно побарување од 100.000 евра. Мицкоски вчера одржа прес-конференција, заедно со поранешниот потпретседател на Интегра Воислав Зафировски, за да се пофали дека раководните структури на Интегра преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради изнесените ставови на Мицкоски: ‘Имаме сериозни информации и докази дека финансиски мотивирани од други политички партии, а луѓето кои се тука со мене тие индиции ги потврдуваат со сопствено сомневање, дека постојат сериозни финансиски мотиви да направат штета во опозицијата и да се поделат гласовите’, за оваа реченица, тој ќе биде тужен. Бараме од Мицкоски веднаш да го достави фамозниот доказ на увид во јавноста. Одговорно тврдиме дека таков доказ не постои, ниту тој го има. Ако не се огласи за нашето барање, ние бараме во рок од 24 часа, во ист таков формат на иста таква прес-конференција, да ми се извини лично мене, но и на членството и на партијата Интегра. Ако тоа не го направи, ние ќе поднесеме тужба за оштетно побарување од 100.000 евра за нарушување на угледот и честа и интегритетот на претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски. Доколку ги добиеме овие пари во судскиот процес, ќе бидат донирани во здружение за дечиња со посебни потреби“, изјави Ристовски на денешната прес-конференција.
За тврдењето на Мицкоски дека раководните структури на Интегра преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ, Ристовски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ сакале да ја преземат партијата Интегра преку пуч во раководството, но сценариото пропаднало, а луѓето кои преминале во ВМРО-ДПМНЕ биле разрешени уште минатиот месец.
„Демантиравме дека наводни структури на Интегра преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа едноставно е лага. Станува збор за ликови кои се собрани од улица бидејќи се разрешени уште минатиот месец и не се во раководните структури на Интегра. Ме чуди како лесно го превеслаа Мицкоски и се вметнаа во нивната партија, која ги прибира отпадоците од другите партии, како Гога Сорос, Сафет Бишевац и други. Ги охрабрувам и така да продолжат, бидејќи така можат да станат конкуренција на АД ‘Дрисла’“, рече Ристовски.