Премиерот Христијан Мицкоски и министрите ќе учествуваат на унгарско-македонскиот владин самит утре и задутре (3-4 март) во Унгарија, соопштија од Владата.
Оттаму велат дека е предвидена тет-а-тет средба помеѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, а во рамки на владиниот самит предвидено е да се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри на двете влади, по што ќе следи и заедничка владина седница помеѓу двете влади.
„Во рамки на посетата предвидено е министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешна политика и трговија Петер Сијарто да потпишат Акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика во Будимпешта“, се вели во владиното соопштение.