МИЦКОСКИ НАПРАВИ ПАРТИСКО КИДНАПИРАЊЕ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ СО НАЗНАЧУВАЊЕТО НА НОВИОТ ДИРЕКТОР, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    МИЦКОСКИ НАПРАВИ ПАРТИСКО КИДНАПИРАЊЕ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ СО НАЗНАЧУВАЊЕТО НА НОВИОТ ДИРЕКТОР, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕНовиот директор на АНБ Бојан Христовски на денешната седница на собраниска комисија. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на СДСМ Венко Филипче кажа дека со назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски, премиерот Христијан Мицкоски и Владата направиле партиско киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста.

    „Сметаме дека тоа што го направија премиерот и Владата со назначувањето на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, го направија во еден манир на диктаторство и направија партиско киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста, тоа е Агенцијата за национална безбедност“, кажа Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Собранието.

    Филипче смета дека со овој потег, Мицкоски потсетува на неговиот партиски претходник кога овие институции се користеа за пресметка со политички неистомисленици и за пресметка со новинари и најави дека СДСМ ќе ги извести сите нивни стратешки партнери и ќе побараат соодветно мислење и реакција од нивна страна.

    Лидерот на СДСМ ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да го спречи спојувањето на АНБ со Агенцијата за разузнавање.

    „Ја повикувам претседателката Сиљановска-Давкова да заземе свој став и да го запре најавеното фузионирање на АНБ со Агенцијата за разузнавање, да не се откажува од нејзините ингеренции. Кога веќе има ваква најава за партизација на оваа институција, тоа значи дополнително зголемување на капацитетите на АНБ, кога би се фузионирала, според најавите на премиерот, со Агенцијата за разузнавање. Тоа би било една гломазна институција која што тешко ќе се контролира и која што видовме во едно време до 2016 година за што и како се користеше“, рече Филипче.

    Новиот директор на АНБ не поседува безбедносен сертификат „Државна тајна“, а од СДСМ обвинија дека тој нема „вистински документ за познавање на англиски јазик затоа што приложил Уверение од училиште во Пловдив – Бугарија, а во Пловдив воопшто нема TОEFL центар за тестирање“.

    Денешната прес-конференција на Филипче беше за законскиот предлог за минимална плата од 27.000 денари, поднесен од неговата партија во Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира