МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ ДА ГО ПОТВРДИ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, ГИ ПОВИКА СДСМ И ЛДП ДА ЛОБИРААТ КАЈ СЕСТРИНСКИТЕ ПАРТИИ

    МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ ДА ГО ПОТВРДИ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ, ГИ ПОВИКА СДСМ И ЛДП ДА ЛОБИРААТ КАЈ СЕСТРИНСКИТЕ ПАРТИИПремиерот Мицкоски вели дека оваа резолуција е резултат на повеќе од десетмесечна работа и дека секој што ја негира оваа реалност е „анти-НАТО и анти-ЕУ“. (Фото: Влада)

    Премиерот Христијан Мицкоски очекува Европскиот парламент едногласно да го усвои извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, во кој се споменува „многувековниот, посебен македонски идентитет и јазик“. Тој ги повика сите политички чинители во земјата да се обединат и да лобираат кај своите сестрински партии во Европскиот парламент за поддршка на документот.

    „Очекувам европратениците едногласно да го усвојат овој извештај во кој што се потврдува посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик. Не гледам никаква пречка ако навистина сите во државата сме едногласни за ова прашање“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

    Премиерот вели дека оваа резолуција е резултат на повеќе од десетмесечна работа и дека секој што ја негира оваа реалност е „анти-НАТО и анти-ЕУ“.

    „Било кој европратеник кој нема да гласа за прифаќање на оваа Резолуција е анти-ЕУ и постапува спротивно од европските вредности“, рече Мицкоски, додавајќи дека медиумите кај источниот сосед веќе известиле дека во извештајот четири пати се споменува македонскиот идентитет.

    Тој ги повика опозициските партии СДСМ и ЛДП, кои се дел од европски политички семејства, веднаш да започнат со лобирање кај сестринските партии во Европскиот парламент. Истовремено, најави дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе испрати свои претставници во Брисел за да разговараат со европратениците за потребата од носење на резолуцијата.

    Расправата за резолуцијата во Европскиот парламент е закажана за 4 јуни, а гласањето се очекува во јули.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира