Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски ќе биде единствениот кандидат за претседател на партијата на вонредниот конгрес што утре и задутре ќе се одржи во Валандово. До крајниот рок, кој истече денеска во 15 часот, поднесени биле две кандидатури за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, но прифатена е само кандидатурата на генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски, бидејќи другата не била валидна, потврдија од партијата за државната агенција МИА, без да го откријат името на одбиениот кандидат.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница ја одби иницијативата поднесена од видни функционери на партијата, вклучувајќи ги пратениците Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Трајко Вељаноски за одложување на конгресот во Валандово, поради, како што кажаа, фаворизирање на еден кандидат.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 10 декември ја прифати оставката на долгогодишниот претседател Никола Груевски.