Младен Чадиковски е нов претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Чадиковски, кој е главен и одговорен уредник на Телевизија 24, е избран на денешното редовно изборно собрание на ЗНМ во конкуренција со Стојанче Наумов од радиото Канал 77. На собранието од вкупно 555 членови присуствуваа 175, за Чадиковски гласаа 86, а за Наумов 77.
Претседател на ЗНМ во два мандата досега беше Насер Селмани.
„Нема компромис за слободата на говорот и за професионализација на медиумите. Во наредните 4 години ќе се залагаме да постигнеме многу повеќе од сега што е постигнато“, рече Чадиковски по изборот.
На собрание беа избрани и новите членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и на Судот на честа.
За членови на Надзорниот одбор избрани се Мери Јордановска, Адриан Керими, Наташа Стојановска, Семи Мехмети и Ирена Мулачка.
Во Управниот одбор се Фиљана Кока, Фуркан Салију, Среќко Поповски, Аднан Ајдари, Сашка Цветковска, Мишко Иванов, Сашко Димевски, Бењамин Арифи, Слободанка Јовановска и Зоран Димитровски.
Во Советот на честа се избрани Мира Костиќ, Јакупи Семра, Сенад Зилбеари, Зекири Арбен и Горан Лефков.