Mладите денес повеќе се грижат за своето ментално здравје отколку во минатото, рече директорката на Клиниката за психијатрија, проф. д-р Славица Арсова на одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје.
„Имаме сѐ повеќе луѓе кои бараат помош, психијатриско-психолошка помош, и тука не се исклучени младите. Младите веќе се поосвестени во однос на своето ментално здравје и знаат да препознаат кога не им е добро или кога се наоѓаат само во животна лична криза и не стигма, не е срам да се бара психијатриско-психолошка помош“, рече Арсова на настанот на Плоштадот Македонија во Скопје.
Арсова рече дека секоја година го одбележуваат Светскиот ден на менталното здравје со различна тема, а годинашнава тема е „Интервенции во криза“.
„Кризи се големи катастрофи или несреќи кои зафаќаат голем дел од општеството во еден момент, при што ниедно општество, дури и најбогатото, не може да се справи во истиот момент со потешкотиите кои ги имаат тие граѓани. Тоа може да бидат воени настани, терористички настани, природни катастрофи и тука морам да спомнам тоа што се случуваше изминатиот период кај нас, повеќе настани, но тоа што ја одбележа оваа година е една голема криза, општествена, здравствена, економска, социјална, која настана поради несреќата во Кочани“, изјави Арсова.
Според директорката, повредите, изгорениците и скршениците се видливи, но тие што не ги гледаме на самиот почеток, дел од нив оставаат долгорочни последици, тоа се психичките потешкотии или нарушување на менталното здравје.
„Ние веднаш бевме присутни таму, а и уште сме присутни, не само за оние кои настрадале, или имале блиски членови од семејството кои се соочиле со таа трагедија, туку и за сите останати граѓани бидејќи тоа се почувствува, предизвика последици на менталното здравје кај секој еден граѓанин во нашата држава“, додаде таа.
Проф. д-р Антони Новотни изјави дека во ова време на оттуѓено живеење во светот треба да се вратиме на основниот постулат на заедништвото, да се вратиме на можноста како да си помогнеме еден на друг, како да се приближиме, да бидеме пристапни и достапни.
„ Семејството, локалната заедница и професионалците, секако ние, треба да бидеме достапни и да се сетиме дека сослушувањето, разговорот, достапноста и бивањето сега и тука за луѓето кои се во криза е фактор кој може да придонесе за надминување на кризата“, кажа д-р Новотни.