МЛАДИТЕ, ВРАБОТЕНИТЕ И НЕВРАБОТЕНИТЕ ВО ФОКУСОТ НА КАМПАЊАТА „МОЈ ТРУД, МОИ ПРАВА“

    МЛАДИТЕ, ВРАБОТЕНИТЕ И НЕВРАБОТЕНИТЕ ВО ФОКУСОТ НА КАМПАЊАТА „МОЈ ТРУД, МОИ ПРАВА“Министерката Јагода Шахпаска и директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска ја претставија кампањата. (Фото: МТСП)

    „Мој труд, мои права“ е насловена кампањата која ќе трае шест месеци за подигнување на свеста за работничките права, односно ќе ги информира вработените лица, барателите на работа и работодавачите за правата и обврските што произлегуваат од работниот однос. Кампањата денеска ја најави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на прес-конференцијата организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), со претставници на ЕУ, Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Организација на работодавачи на Македонија (ОРМ) и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

    „Она за што секогаш мораме да водиме сметка и да се залагаме, вклучително и во вакви тешки и кризни времиња, е дека мора да се обезбеди доследното почитување на правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос. А во однос на почитувањето на работничките права нема и не смее да има компромиси.  И тука, во остварувањето на оваа цел, подеднакво значајна е улогата на сите чинители. Да се бори за своите права, да бара заштита на правата, може само оној кој е добро информиран и добро запознаен со своите права“, кажа министерката.

    Фокусот на кампањата се работниците, невработените, работодавачите, но и младите лица во државата, кои допрва ќе треба да се вклучуваат на пазарот на труд. Кампањата ќе се одвива преку специјализираната веб-страница www.mojtrudmoiprava.mk, фејсбук страницата и информативните кратки видеа.

    Директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска, кажа дека „Државниот инспекторат за труд е еден од главните чинители во процесот на сузбивањето на неформалната работа. Инспекцијата за труд има двојна улога – од една страна таа го контролира спроведувањето на законските одредби, а од друга страна нејзината функцијата е превентивна и едукативна. Почитувањето на правата од работниот однос мора да биде приоритет и обврска на секој работодавач”.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира