Македонските државјани кои престојуваат во Иран треба да ја напуштат земјата во прва можна и безбедна прилика, апелираше денеска Министерството за надворешни работи (МНР) поради влошување на безбедносната состојба во оваа држава.
Од Министерството истовремено препорачуваат да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни.
За асистенција на македонските граѓани кои се наоѓаат таму, МНР ги стави на располагање сите свои капацитети преку следните контакти:
- 24-часовен СОС дежурен телефон: +389 75 268 736
- Електронска адреса: [email protected]
Дополнително, граѓаните можат да побараат помош и преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Анкара на дежурниот број: +90 539 456 97 10.
Најголемите немири во Иран во последните три години почнаа на 28 декември поради растечките економски проблеми во земјата. Иранските верски власти се обидоа да имаат двоен пристап кон демонстрациите, нарекувајќи ги легитимни, додека истовремено спроведуваат строги безбедносни мерки. Тие ги обвинија САД и Израел за поттикнување немири и рекоа дека терористите ги киднапирале протестите.
Интернетот и СМС-пораките во Иран и натаму се блокирани, но властите ги олесниле ограничувањата за телефонски повици кон странство.
Државните медиуми објавија дека ноќеска немало протести и немири во многу градови низ земјата, вклучувајќи го Техеран, но затоа се одржаа маршеви за поддршка на власта, во кои наводно учествувале три милиони луѓе.



