Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ Федерика Могерини, попладнево прошета низ скопската Стара чаршија и, сосем неочекувано, од еден златар доби подарок филигрански брош во форма на пеперутка. Таа веднаш го закачи брошот на реверот на белото палто што го носеше.
Низ Стара чаршија Могерини се шеташе со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а потоа седнаа да ручаат кебапи. Дуќанџиите во Чаршијата се поздравуваа и фотографираа со Могерини и ја канеа на чај и баклава.
Могерини денеска дојде во Скопје од Стразбур заедно со премиерот Зоран Заев, веднаш по неговиот говор во Европскиот парламент. Заев е првиот македонски премиер кој зборуваше на македонски јазик во Европскиот парламент. Таа денеска при посетата заради поддршка на престојниот референдум за името ќе има официјални средби и со претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.