МОГЕРИНИ ЌЕ ИМ СЕ ОБРАТИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕТО ВО 9.30 ЧАСОТ

    МОГЕРИНИ ЌЕ ИМ СЕ ОБРАТИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕТО ВО 9.30 ЧАСОТФедерика Могерини лично ја пренесе веста дека Македонија доби безуловна препорака за почеток на преговори со Европската унија - од пречекот пред Владата (Фото: М. Златевска)

    Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија Федерика Могерини во 9  часот и 30 минути треба да се обрати пред пратениците во Собранието. Се очекува во Собранието да бидат пратениците и од власта и од опозицијата.

    Таа вчера и комесарот Јоханес Хан на одвоени средби  на премиерот Зоран Заев лично му ја пренесоа веста  дека Македонија доби безусловна препорака за почеток на преговори со Европската унија.

    Од прес конференцијата во Владата на Република Македонија (Фото: Ѓ. Личовски)

    Комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, при предавањето на препораката побара владата да се фокусира на спроведувањето на реформите и за решавање на спорот за името со  Грција.

    “Сега треба да продолжат реформите, особено во подобрувањето на независноста на судството.Измената не подразбира само да се промени законодавството, туку и имплементација на реформите. Сега е прашање на резултати, и ние веруваме во вас, во вашата определба. Затоа ве молам концентрирајте се во спроведувањето“, рече Јоханес Хан, еврокомесар за проширување на ЕУ.

    За спорот за името и најавите на Грција дека дека нема време Македонија да влезе во НАТО до јуни, Могерини рече дека има време од два и пол месеци што треба да се искористи позитивно и храбро и дека не може да шпекулира што до тогаш би се случило.

    За два дена, Македонија ја посетија двајца еврокомесари и премиерите Еди Рама на Албанија, Ана Брнабиќ на Србија, Рамуш Харадинај на Косово, Душко Марковиќ на Црна Гора и Денис Звиздиќ на Босна и Херцеговина.

    Тие беа гости на Федерика Могерини, висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, и на премиерот Зоран Заев, кои организираа неформална вечера за премиерите од земјите на Западен Балкан.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира