МОЈАТА ЗАДАЧА НЕ Е ДА ОПЕРИРАМ СРЦЕ, ТУКУ ДА КРЕИРАМ СИСТЕМ ЗА ДОКТОРИТЕ ДА ОПЕРИРААТ, А ПАЦИЕНТИТЕ ДА НЕ ЧЕКААТ ТЕРМИН, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АЛИУ

    МОЈАТА ЗАДАЧА НЕ Е ДА ОПЕРИРАМ СРЦЕ, ТУКУ ДА КРЕИРАМ СИСТЕМ ЗА ДОКТОРИТЕ ДА ОПЕРИРААТ, А ПАЦИЕНТИТЕ ДА НЕ ЧЕКААТ ТЕРМИН, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АЛИУАлиу најави дека ќе биде креирана програма со која ќе треба да се скенираат сите граѓани над 40 години, односно бесплатно да можат да извршат прегледи. (Фото: К. Попов)

    Новиот министер за здравство Азир Алиу, кој е доктор по информатички науки, рече дека негова задача е да менаџира со здравствениот систем за да нема листи на чекање, а не да оперира. На денешната прва прес-конференција по стапување на функцијата најави отчетност во работењето и дигитализација на здравството за да се реши проблемот со листите на чекање за операции и терапии.

    „Јас сум доктор по информатички науки, не сум лекар, но позицијата што ја имам е менаџерска. Јас нема да оперирам срце, туку ќе креирам системи кои ќе бидат оптимални, отчетни и навремени. Ќе креирам системи за да може кардиологот да оперира срце во реално време со добри инструменти и да нема листи на чекање. Дигитализацијата е најдобар начин за подобрување на условите за лекување и само така може да се добие реална слика за пациентите кои чекаат термин за операција или терапија“, рече Алиу.

    Најави дека ќе биде креирана програма со која ќе треба да се скенираат сите граѓани над 40 години, односно бесплатно да можат да извршат прегледи.

    „Ќе направиме платформа за онлајн пријавување на сите граѓаните заради превенција. За 30-40 отсто се намалуваат ризиците од потешки заболувања ако навремено се откријат. Ова не е нешто што од утре ќе почне, туку ќе се изработи програма за скенирање на здравјето на граѓаните“, рече Алиу.

    Прв приоритет ќе му биде скенирање на состојбата во болницата во Кочани и најави дека утре ќе оди на средба со директорката на болницата, а ќе се сретне и со пациенти повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“.

    Ќе се формираат и работни групи за менаџирање со кризни ситуации, што сега ги немаме.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира