МОРА ДА ГО ИСКОРЕНИМЕ ПЛЕВЕЛОТ НА КОРУПЦИЈАТА И КРИМИНАЛОТ, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА МЕЧКИН КАМЕН

    МОРА ДА ГО ИСКОРЕНИМЕ ПЛЕВЕЛОТ НА КОРУПЦИЈАТА И КРИМИНАЛОТ, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА МЕЧКИН КАМЕН„Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами“, рече Сиљановска-Давкова во Крушево. (Фото: Кабинет на претседателката)

    Време е за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени,  рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на одбележувањеро на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.

    „Што значи тоа навраќање?  Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната. Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“, кажа Сиљановска-Давкова.

    Претседателката рече дека темелните вредности и принципи на вековната  македонска борба за самостојна и суверена држава, со крв се запишани во возвишената Magna Carta Libertatum, Крушевскиот манифест: слобода или смрт, правда, еднаквост и соживот.

    „Ако се повикуваме на Крушевскиот манифест, мора да бидеме верни на неговата основна идеја дека соживотот меѓу различните се гради само во присуство на правда и на слобода. Затоа, мора да го искорениме плевелот на корупцијата и на криминалот. Никој не смее да биде недопирлив, независно дали е поранешен или актуелен политичар или функционер, судија или влијателен бизнисмен. За правдата да биде неселективна и навремена, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството, а тие почнуваат со европска правна рамка, но и со европски критериуми на регрутирање, како и со европски стандарди на функционирање и одговорност. Републиката постои заради општото добро, заради сите граѓани, без оглед на каква било припадност, за да ни овозможи да напредуваме врз знаење, способност и труд, а не врз основа на статусни привилегии и врски.

    Длабинскиот поглед на државата, разоткрива во изминатите години и децении: ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија, како закана за парламентарната демократија, партизирана и политизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина, ги нарушија меѓуетничките и меѓучовечките односи, продуцираа катастрофи и трагедии, стимулираа неединство околу прашањата од национален интерес, за кои единството мора да биде императив!

    Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас. Горенаведеново говори дека не смееме да ги заборавивме праведните идеали на оние на кои денес им се поклонуваме и ги славиме. Затоа ве потсетувам на нив“, рече таа.

    Претседателката кажа дека Македонија има потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка: со заштитени слободи и права, со владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата; со стратегиски партнерства со државите со заеднички вредности и интереси; со независни и функционални институции; со компетитивна економија и со капитални инвестиции; со партиципативна политичка култура.

    „Чудно е, во името на слободата на мислата и нејзиното изразување, да слушате европски пратенички оспорувања на македонскиот идентитет, 100 години по печатењето на АБЕЦЕДАР-от за децата Македонци во Атина во 1925, под притисок на Лигата на народите! Прочитајте го АБЕЦЕДАР-от. Зошто не се слави 100 годишнината од донесувањето на АБЕЦЕДАР-от? Прашувам. Драги сограѓани, неразбирливо е пратеници среде Европскиот парламент, кој за мене е, така ги учам и студентите, школа на европската демократија, да ве квалификуваат како млад народ и млада држава, со модерен јазик и модерен идентитет. Не е 100 години, претходно, многу модерно.

    Ние не се срамиме од фактот дека со сопствени сили, по вековна борба, се изборивме за државност во 1944 и дека мирно се раздруживме од СФРЈ и стекнавме независност во 1991. Напротив. Во нашата историја нема црни дамки, не сме вршеле репресалии, асимилации и депортации. Како мал, храбар и миротворен народ, секогаш сме биле на праведната страна на историјата, на страната на слободата, на страната на антифашизмот, на страната на антиколонијализмот.

    Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на ‘Млада Европа’. И затоа, на оној што ќе ни рече ‘вие сте млад народ со млада држава’, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за ‘Млада Европа’ обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите!

    Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата.

    Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци“, рече Сиљановска-Давкова.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира