Правиме анализа дали да се затворат некои училишта, како на пример, имаме училишта кои се на два километра едно од друго, едното е централно училиште во кое има стотина деца, а во подрачното има две до три деца, и навистина е не е фер децата да не се приклучат кон своите другарчиња во централното училиште, рече денеска во Охрид министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На новинарско прашање дали ќе следи затворање на одреден број училишта во земјава, Јаневска рече дека проектот за оптимизација на училишната мрежа во земјава е во тек, со помош на УНИЦЕФ и Светска банка и во моментов се обновуваат податоците и се прават анализи. Според неа, има одредени региони и училишта кои секако не треба и не можат да бидат затворени, кои се на голема оддалеченост и тие ќе опстојат.
„Проблемот со малиот број на деца во училиштата првенствено е проблем на децата. Јас би сакала тоа граѓаните убаво да го разберат. Тие деца, кои се по пет, шест во одредено село и тие деца се де факто изолирани од нивните врсници. Се наоѓаат во едно училиште, кое може да е реновирано, но главно се постари, сведени се сами на себе и на своите родители, наставници кои доаѓаат да ја реализираат наставата и одвреме-навреме се менуваат, но тие немаат информации за надворешниот свет и немаат можност да се социјализираат, да видат смарт табла, да видат ново модерно училиште, да се натпреваруваат со децата од сопствената генерација и дополнително да бидеме чесни и фер, тие училишта се товар на државата, се плаќаат режиски трошоци“, рече Јаневска, напоменувајќи дека станува збор претежно за училишта во руралните средини.
Министерката потенцираше дека превозот на учениците ќе им биде платен и учениците ќе добијат оброк.
Говорејќи за најавите за едносменско работење на училиштата, Јаневска рече дека процесот на мапирање на училиштата, во кои има услови за изведување на едносменска настава е во тек и од досегашните согледување заклучиле дека во внатрешноста на државата има поголеми можности за воведување на едносменска настава и таму каде што има, веднаш ќе се почне.
„Кога велиме едносменски, тоа значи учениците да бидат на училиште осум часа, но, тоа не значи дека тие ќе учат постојано осум часа над книга или ќе имаат предавања, туку напротив ќе го добијат подучувањето, ќе ги завршат домашните задачи, ќе учат, ќе имаат дополнителни наставни активности, додатна и дополнителна настава, секции, ќе имаат воннаставни активности, повеќе физичко, повеќе информатика, техничко образование, она што модерното време го бара како образование“, изјави Јаневска, додавајќи дека ќе бидат ангажирани и повеќе наставници, затоа што тие што го исполните наставниот фонд веќе ја заработиле платата, но има наставници кои немаат полн фонд на часови и тие ќе бидат вклучени во овие активности.