МЦМС ОДБЕЛЕЖА 25 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

    МЦМС ОДБЕЛЕЖА 25 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕОд обраќањето на првиот извршен директор на МЦМС Александар Кржаловски на свечената академија. (Фото: Фејсбук/МЦМС)

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) одбележа 25 години од основањето. На свечена академија беа презентирани резултатите од 25-годишното работење на организацијата, период во кој МЦМС спровел 1.652 проекти од различни сфери со вкупен буџет од над 60 милиони евра, а во кои биле вклучени илјадници граѓани.

    Првиот извршен директор на МЦМС Александар Кржаловски вели дека организацијата стана фактор на развој на граѓанското општество и промотор на европските вредности во овие 25 години.

    „Најкарактеристично за МЦМС е тоа што е ’кршач на мраз‘ и пополнувач на јазовите, тој првпат се појавуваше секаде каде што имаше потреба, на пример во руралните средини каде има недостиг на здрава вода за пиење или бегалците на Косово или пак во македонската криза во конфликтните региони. Ние сме организација со став, ги кажуваме работите што не секогаш другите сакаат да ги кажат. Наша водилка отсекогаш ни била потребата од градење консензус, како што беа апелите за мир од 2001 година“, кажа Кржаловски.

    Првиот извршен директор на МЦМС кажа дека најголема последица од неможноста за постигнување консензус околу клучни прашања во општеството е поларизацијата за чие спречување, како што рече, тие очигледно не направиле доволно.

    „Повеќе од потребно ни е помирување во Македонија и МЦМС со своето искуство особено од Северна Ирска и од Јужна Африка може да придонесе многу во тој процес. Но тоа се подолгорочни процеси, а оваа година можеме да се задоволиме со некој почеток на деполаризација и прв чекор во тоа департизација. Колку и да мислиме дека е лошо во државата, сепак многу е направено, и променето од она што беше ситуација во Македонија пред 25 години“, рече Кржаловски.

    Мисијата на МЦМС е граѓанско општество и партиципативна демократија, владеење на правото, рамномерен и одржлив социо-економски развој, ненасилство, почит и културна разноличност. Ги поддржува целите на социјална кохезија и намалување на сиромаштијата, одржлив локален и рурален развој, добро владеење, партиципација и политики засновани на луѓето, ги поддржува евроинтеграциските процеси и јакнење на регионалната соработка

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира