МУ БЛАГОДАРАМ НА ХОРОТ НА ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗА НАСТАПОТ НА ДЕНОТ НА ГЕРМАНСКОТО ЕДИНСТВО, ТРОГНАТА СУМ КАКО МЕ ПРИМИЈА, РЕЧЕ АМБАСАДОРКАТА ДРЕКСЛЕР

    МУ БЛАГОДАРАМ НА ХОРОТ НА ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗА НАСТАПОТ НА ДЕНОТ НА ГЕРМАНСКОТО ЕДИНСТВО, ТРОГНАТА СУМ КАКО МЕ ПРИМИЈА, РЕЧЕ АМБАСАДОРКАТА ДРЕКСЛЕРХорот „Моис хасон“ на приемот за Денот на германското единство ја испеа „Битола кој роден крај“, по желба на амбсадорката Петра Дрекслер. (Фото: СДК.МК)

    Хорот на Еврејската заедница во Македонија „Моис хасон“ од Скопје настапи на приемот на Германската амбасада по повод Денот на германското единство и, по желба на амбсадорката Петра Дрекслер, ја изведе македонската народна песна „Битола кој роден крај“. Германската и македонската химна ја изведе хорот на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

    Зборувајќи за првите 6 месеци од нејзиниот мандат во Македонија, амбасадорката Дрекслер кажа дека особено ја трогнал срдечниот прием од еврејската заедница.

    „Како претставничка на Германија, со нејзината континуирана одговорност за жртвите од национал-социјализмот и неизмерното страдање што национал-социјалистичката уништувачка политика му го нанесе и на еврејското население во Северна Македонија, ваквата понуда на помирување ја чувствувам како подарок од непроценлива вредност, за мене лично и за мојата земја. Битола, некогаш дом на речиси половина од македонските Еврејки и Евреи, претставува симбол на богатото еврејско наследство на Северна Македонија. Му благодарам од срце на хорот на Еврејската заедница што заедно со нас го славите овој ден што е од особено значење за луѓето во Германија, ден на кој се сеќаваме на повторното воспоставување на единството на Германија“, рече амбасадорката Дрекслер.

    Хорот „Моис хасон“ постои од 2004, а е основан по иницијатива на прим. д-р Миодраг Тодоровиќ. Диригент во хорот сега е Андреј Наунов, претходно беше Томислав Шопов, а во репертоарот има голем број композиции од различни периоди и автори.

    „Во репертоарот има композиции на јазикот ладино и на хебрејски, кои ги зборуваат Евреите низ светот. Освен композиции од еврејски автори, застапени се и композиции од опери, оперети и кантати. Хорот има настапувано во Србија, Црна Гора, Романија и Унгарија“, вели диригентот Наунов.

    „Како претставничка на Германија, со нејзината континуирана одговорност за жртвите од национал-социјализмот и неизмерното страдање што национал-социјалистичката уништувачка политика му го нанесе и на еврејското население во Северна Македонија, ваквата понуда на помирување ја чувствувам како подарок од непроценлива вредност, за мене лично и за мојата земја“, рече амбасадорката Дрекслер. (Фото: СДК.МК)

    На 11 март 1943 година бугарската окупаторска пронацистичка војска и полиција насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип и ги транспортираат во привремениот транзитен логор во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти, на 22, 25 и 29 март 1943, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница се депортирани и предадени на нацистите во центарот за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив.

    Бугарија никогаш не се извини за депортацијата на Евреите од Македнија во логорите на смртта.

    Лани во април, кога бугарскиот премиер и потпретседателка дојдоа во Битола на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ – именуван според потврден фашист и близок соработник со нацистите, Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија изјавија дека „овој чин e навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа“.

    „Еклатантен обид во таканаречената ‘заедничка историја’ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98% од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, рекоа тогаш од Заедницата.

    Исто така, Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија бараат и Владата на Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна, како и Европската Унија и Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Бугарија.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира