Кога се работи за семејни слави во домашни објекти, МВР не може да биде информирано и да влезе без налог од Основното јавно обвинителство. ОЈО во одредени случаи ни дава такви налози, а во други не ни ги издава, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денес во Битола запрашан што МВР презема за да се запрат семејните прослави од кои излегоа повеќе кластери со заболени до коронавирус во земјава.
„Во ситуација кога не може да се дејствува веднаш вршиме препознавање на лицата и потоа се повикуваат во полициска станица и им се поднесува соодветен поднесок до Јавното обвинителство. Неопходно е граѓаните сами да бидат свесни и да носат заштита опрема зашто со доаѓањето на изборите претпоставувам дека сите тие мерки уште повеќе ќе бидат олабавени, најверојатно ќе се отворат границите од следната недела и граѓаните сами треба да бидат свесни за ризикот од заразата“, рече Чулев.
Вчера Здравствениот инспекторат го впери прстот во МВР и праша како може полицијата да не знае за семејните прослави. Чулев денес одговори дека МВР ги презема сите неопходни активности за спречување на короната, но толкав им е капацитетот на вработени лица во секое сокаче. Додаде дека се вклучени во спровод на лица од гранични премини, на контрола на мерки за изолација и самоизолација, ограничување на движењето во карантин, контроли по угостителски објекти.
„Само министерот за внатрешни работи не може да ја реши оваа пандемија и здравствена криза. Неопходен е мултидисциплинарен пристап од сите институции , вклучително и голема совесност и свесност од граѓаните“, рече тој.
На дневна основа се изрекуваат на подрачјето на СВР Битола кое опфаќа шест општини околу 100 пријави за неносење на заштитна лична опрема. Од воведувањето на забраната за ограничување на движење до денес СВР Битола за истата територија има изречено 580 кривични пријави по член 206.
Ж. ЗДРАВКОВСКА