МВР ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ДВА ВНУКА НА АЛИ АХМЕТИ, ОСОМНИЧЕНИ СЕ ДЕКА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ВО КИЧЕВСКО КОПАЛЕ ВАР, А ВО БУЏЕТОТ НЕ ПЛАЌАЛЕ СПОРЕД ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈА

    МВР ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ДВА ВНУКА НА АЛИ АХМЕТИ, ОСОМНИЧЕНИ СЕ ДЕКА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ВО КИЧЕВСКО КОПАЛЕ ВАР, А ВО БУЏЕТОТ НЕ ПЛАЌАЛЕ СПОРЕД ДОГОВОРОТ ЗА КОНЦЕСИЈАИ обвинителството за организиран криминал цела година испитува јавни набавки што ги добивал Дрин Ахмети за ова кратко време откако овој многу млад човек блесна како успешен бизнисмен, но епилог од таму се уште нема (Фото:СДК.МК).

    Додека Обвинителството за организиран криминал и корупција го истражува Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, за случајот „Соравија“, МВР денеска поднесе кривична пријава за оштетување на буџетот преку неуредно плаќање на концесија.

    Кривичната пријава е против два внука на лидерот на опозиционата ДУИ, браќата Дрин и Бесијан Ахмети.

    Според кривичната пријава, браќата млади бизнисмени вршеле бесправен ископ на варовник во Кичевско, а во буџетот уплаќале помала сума пари од таа што ја имале во договорот.

    Како што соопшти МВР, пријавата е адресирана на уште седум лица – петмина вработени во Министерството за економија и двајца во Државниот инспекторат за техничка инспекција. Тие се осомничени дека не направиле задолжителен надзор за да видат дека фирмата не ги плаќа обврските како што треба.

    Според МВР тие во државниот буџет не платиле 27.000 евра.

    „Од 2016 година до 2023 година пријавените постапиле спротивно на чл. 75 ст. 1, 2 и 3 од Законот за минерaлни суровини и чл. 11 од Договорот за концесија за експлоатација на локалитет во општина Зајас, склучен меѓу правното лице и Владата на РСМ, претставувана од страна на тогашниот министер за економија. Пријавените биле должни да плаќаат точно утврден годишен надоместок за користење на просторот кој бил доделен со концесија за експлоатација и надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина, пресметани согласно тарифникот за утврдување на висина на надоместоци за издавање на дозволи и концесии, како и да достават геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, со прецизно наведени количини на откопана количина на минерални суровини и периодот во кој тоа е извршено, предвидено во чл.64 од Закон за минерални суровини, со што постапиле спротивно на Законот и одредбите од предметниот договор за концесија, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1.671.894 денари, при што предизвикале штета и на Буџетот на РС Македонија“, соопшти МВР.

    Така толерирани од Министерството за економија предводено од Крешник Бектеши во Владата на СДСМ и ДУИ, осомничените браќа Ахмети, користејќи ги придобивките од концесијата која останала активна цело време, биле во можност да бидат избрани како носители на договори за јавни набавки, па така нивната фирма добивала тендери како на пример од АД ЕСМ од 125.000 евра, во прилепски „Водовод и канализација“ од 15.000 евра итн.

    Обвинителката која го води предметот на „Соравија“ на новинарско прашање зимоска одговори дека во големата предистрага ги испитува и тендерите на Дрин Ахмети, меѓу кои и од АД ЕСМ.

    „Во оваа сеопфатна предистражна постапка освен истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал кои ги анализираат прибраните материјали , постапуваат и Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, Единицата за финансиски криминал – Сектор за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал  и Единица за економски криминал – Сектор за економски криминал и корупција при Одделот за криминалистичка полиција во МВР“, наведе Обвинителството за организиран криминал во март.

    Се испитуваат јавни набавки што ги добивал Дрин Ахмети за ова кратко време откако овој многу млад човек блесна како успешен бизнисмен.

    „Прибавена и анализирана e документација во врска со јавните набавки со ЕСМ, ЕЛЕМ и ЈП Комуналец Кичево, како и документација од Комисија за заштита на конкуренција, од Фондот за иновации и технолошки развој, Отсек за управни работи при МВР и Капетанија на пристаништа, Министерство за економија и Централен депозитар за хартии од вредност. Воедно во соработка со релевантни институции на други држави се преземаат дејствија за расветлување на случајот“, одговори тогаш Обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК, на прашање зошто толку долго трае предистрагата.​

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира