МВР УШТЕ ГИ БАРА УБИЈЦИТЕ НА ЛЕКАРОТ АЦО ТРПОВСКИ, КОЈ ПРЕД 5 МЕСЕЦИ БЕШЕ НАЈДЕН УБИЕН ПРЕД ПОЛИКЛИНИКАТА „ЖЕЛЕЗАРА“

    МВР УШТЕ ГИ БАРА УБИЈЦИТЕ НА ЛЕКАРОТ АЦО ТРПОВСКИ, КОЈ ПРЕД 5 МЕСЕЦИ БЕШЕ НАЈДЕН УБИЕН ПРЕД ПОЛИКЛИНИКАТА „ЖЕЛЕЗАРА“За овој случај беа приведени три лица, но набргу пуштени поради немање докази за нивна поврзаност со убиството. (Фото:СДК.МК)

    Полицијата уште трага по убиецот или убијците кои на 21 март го избоделе 67-годишниот лекар Ацо Трповски на паркингот пред поликлиниката „Железара“ во Скопје.

    Од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека во врска со убиството од страна на СВР Скопје преземени се оперативно тактички мерки за расчистување на кривично-правниот настан, за што е поднесено Известување до Основно Јавно Обвинителство Скопје.

    Понатаму, од МВР велат дека согласно Законот за кривична постапка, полицијата работи по налог на надлежните јавни обвинители, и дека „сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, поради што не се во можност да ни достават дополнителни податоци.

    За овој случај беа приведени три лица, но набргу пуштени поради немање докази за нивна поврзаност со убиството. Дознаваме дека убијците не оставиле траги, а колата на лекарот била паркирана под некорисен агол од аспект на опфатот на безбедносните камери.

    „На 21.03.2024 во 23.09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило ‘киа’ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А. Т. (67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, сооошти тогаш МВР.

    Ова убиство и неодамнешното пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, се две ладнокрвни убиства кои не се резултат на мафијашки пресметки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира