Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска кажа дека компаниите кои не платиле солидарен данок ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а ако во меѓувреме не го платат данок, ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември.
На денешната прес-конференција, Лукаревска рече дека заклучно со денеска се уплатени 2.210.108.927 денари по основ на солидарен данок, од страна на 98 даночни обврзници од вкупно 150 кои се опфатени со еднократниот данок.
„Бидејќи рокот беше до 25 октомври, за сите кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе се преземат мерки согласно со Законот за даночна постапка. На 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа немаат направено уплата на 24 ноември, веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, најави Лукаревска.
Законот за данок на солидарност беше донесен од Собранието на 19 септември и ги опфаќа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 10 милиони евра и профит поголем за 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ ќе се оданочува со стапка од 30 отсто.
Стопанската комора на Северна Македонија пред Уставниот суд на 13 октомври поднесе иницијатива за оспорување на данокот.